Хан: 2025 година е реалистичен датум за ЕУ ако се исполнат критериумите

 Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, во интервју за Ди Велт, вели дека 2025 година е реалистичен датум за прием на нови членки од Балканот, но само доколку се исполнат критериумите.

– Датум 2025 е индикативен, но ако се интензивира имплементацијата на реформите тој е доста реалистичен. Но, сите критериуми за членство мора да бидат исполнети претходно, нема скратен пат. Мотото е „квалитет пред брзина“, вели Хан.

Тој во интервјуто уште еднаш го поздрави гласањето за уставните измени во македонското Собрание.

– Благодарен сум им на сите пратеници кои си ја исполнија одговорноста и ги ставија интересите на државата пред оние на партијата. Ова посебно важи за пратениците од опозицијата кои гласаа спротивно од партиската линија и ги сносеа последиците од тоа, односно исклучувањето од партијата, изјави Хан.

Тој е уверен дека Преспанскиот договор ќе биде изгласан во Грција и вели дека овој договор ќе испрати важен сигнал на помирување за целиот регион.

– Би можел да има динамичен ефект врз решавањето на спорот помеѓу Србија и Косово и да доведе до пробив во пристапниот процес на Западниот Балкан. За земјите членки на ЕУ пристапот во ЕУ има смисла само ако сите шест земји можат да се приклучат и решението во ПЈРМ го прави ова сценарио многу поверојатно, изјави Хан, додавајќи дека со напредокот на Македонија се создава атмосфера на „позитивен натпревар“.