Министерот Шапуриќ се сретна со амбасадорот на Чешка, Томан

Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ денеска имаше средба со амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан и економското аташе Бохуслав Завадил.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Шапуриќ, се разговарало за односите помеѓу двете земји, за соработката во областа на политиката, културата, образование и било констатирано дека има простор за зголемување и интензивирање на економска соработка.

Амбасадорот Томан го информирал министерот Шапуриќ дека чешките компании се заинтересирани за инвестиции во индустријата, изградба на прочистителни станици и обновлива енергија и дека веќе се отпочнати активности за зголемување на извозот на македонски земјоделски производи.

На средбата била потенцирана можноста за пласирање на електрични автобуси на македонскиот пазар, произведени во Чешка, а во чија изработка би биле вклучени македонски компании. Исто така, амбасадорот истакнал и дека во тек е склучување на меморандум за соработка помеѓу Скопје и Брно.

Министерот Шапуриќ ги претставил можностите и поволностите кои ги нуди Македонија за странските инвеститори, со цел нивно презентирање пред чешките компании што би довело до интензивирање на економската соработка помеѓу двете држави, и  била иницирана можност за средба помеѓу стопанските комори на двете земји.

Претставниците од Чешката амбасада ги поздравиле напорите и активностите што ги преземаат Собранието и Владата на Република Македонија за придвижување на процесите за стекнување со полноправно членство во ЕУ и НАТО.  Тие  во оваа прилика понудиле и поддршка која во иднина ќе ни биде потребна заради искористување на средствата од европските фондови.