Делегација на Владата предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска присуствуваше на одбрана на Шестиот периодичен извештај по конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената (Истанбулска конвенција), што се одржа во Палатата на нациите во Женева.
Во состав на делегацијата беа и министерот за здравство, Венко Филипче, како и пратеничката од Собранието на Република Македонија, Јулијана Николова, соопшти владината прес-служба.
Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената упати честитки за досегашните спроведени реформи и посветеноста на Владата на Република Македонија за родовата еднаквост, елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, вклучително и семејно насилство, сексуалното и репродуктивно здравје и права, како и акции спроведени за да обезбедат рамноправност на мажите и жените во поглед на сите економски, општествени, културни, граѓански и политички права.
Министерката Царовска во обраќањето истакна дека со конкретни чекори и следни активности покажуваме силна волја, мотивација и посветеност да спроведуваме родово-одговорни политики во партнерство со граѓанскиот сектор.
-Родовата еднаквост е заедничка обврска и приоритет на Владата на Република Македонија. Родовата еднаквост е дел од Програмата за работа на Владата 2017-2020 и исто така е обврска од Агендата за одржлив развој до 2030 година како на национално така и на локално ниво. Tоа e концептот по кој Република Македонија чекори до конечно постигнување на еднаквоста во општеството, рече Царовска
Министерот Филипче даде осврт на состојбите во изминатите години кои го уназадија сексуалното и репродуктивното здравје и како последица на тоа имавме висока стапка на мајчина и новороденечка смртност, како и висок процент на смртни случаи како последица на рак на дојка и рак на грлото на матката.
Посочи дека зајакнување на капацитетите со нова и современа опрема, подобрување на условите за работа, користење на експертско знаење и работа со наши стручњаци, воведување на нови онколошки лекови и помагала, осовременување и подобрување на вакцинацијата и реформи на примарната здравствена заштита се мерки кои вродија со плод.
-Имаме намалување од седум проценти на новороденечката смртност, работиме на развивање мобилни гинеколошки услуги за ранливите групи на граѓани во руралните места и обезбедуваме ефикасно и ефективно остварување на сексуално и репродуктивно здравје за сите. Со измени на Законот за прекинување на бременоста ќе се оствари правото на жената на безбеден абортус и нејзината волја ќе биде на прво место. Владата на Република Македонија усвои и акциски план за СРЗ 2018-2020 за спроведување на мерки и акции во неколку клучни стратешки цели со кои ќе обезбедиме поврзување на целите и резултатите кои произлегуваат од Агендата за одржлив развој на Обединетите нации 2030, додаде Филипче.