Нацрт-амандманите за измени на Уставот до крајот на неделава во Собрание

Нацрт-амандманите за измена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Преспа, што во себе ќе ги содржат и барањата на осумтемина пратеници од опозицијата, кои му дадоа поддршка на отпочнувањето на процесот за уставни измени, според најавите во Собранието треба да стигнат до крајот на неделата.

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери синоќа во интервју за Канал 5 истакна оти се надева дека Владата ќе го запази рокот и до петок до Парламентот ќе ги достави Нацрт-амандманите за тие да почнат да се разгледуваат. Посочи дека пратениците од опозицијата кои дале поддршка за уставните измени, тоа го направиле по сопствена волја и оти со тоа ја отвориле евроатланската перспектива на Македонија. Не ја исклучи можноста до крајот на процесот да се зголеми бројот на пратеници кои ќе дадат поддршка за уставните измени.

Најава за тоа дека амандманите до петок ќе стасаат во Собрание имаше и од премиерот Зоран Заев, кој по средбата со осуммината пратеници од опозицијата кои дадоа поддршка за почнувањето на уставните измени, истакна дека во нив можат да бидат вградени и барањата на овие пратеници за подобрување на договорот.

-Темата на консултативната седница беше постапката на изготвувањето на нацрт-амандманите. Разговараме токму за оние први три точки од вкупно четири коишто беа испорачани до мене како претседател на Владата и до Владата како правно формални изготвувачи на нацрт-амандманите, да бидат вградени токму оние елементи коишто исто така се важни за нив. Можам да констатирам дека во тој дел на дебата изнајдовме конкретни насоки коишто ни беа дадени нам како изготвувачи на нацрт-амандманите, рече Заев по вчерашната средба.

Биле усогласени конкретни насоки – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде истеран до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со рафитикацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.

– Сега ќе ги изработиме и пред да ги официјализираме преку Парламентот ќе ги исконсултираме уште еднаш, ќе ги предочиме на новата пратеничка група за да можат да дадат потврда и очекуваме дека до крајот на работната недела и ќе ги формализираме до самиот Парламент, рече Заев.

На прашањето дали е потебна консултација со грчката Влада, Заев рече дека тоа не го предвидува договорот од Преспа, но во духот на договореното кога ќе биде дефинирано се ќе биде исконсултирана и грчката страна.

-Драго ми е што освен парламентарното мнозинство и дел од опозицијата е свесен за овој аспект. Верувам дека ќе ги изнајдеме најдобрите механизми тоа да го преточиме во текстот, кој би бил реално спроведлив, но и кој би ги исполнил барањата на оваа пратеничка група од осум пратеници, но не би биле проблематични за грчката страна. Јас секако очекувам кога ќе ги завршиме нацрт-аманадманите да се приклучат и оние пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои досега не се приклучија во делот на процесот на  гласање за отворање на потребата од промена на Уставот. Останувам со желба бројката да биде не 120, туку 110, нагласи премиерот.

Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по средбата потврди дека се разговарало за барањата што ги упати оваа група пратеници по поддршката на отворањето на процесот за уставни измени.

Нашите предлози во најголем дел, рече тој, за Владата се прифатливи и оттаму ветија дека ќе ги вградат во нацрт-амандмани. Потоа, додаде Рамчиловиќ треба да ги испратат до нас и да видиме дали тоа е направено.

Вицепремиерот за европки прашања Бујар Османи, пак, синоќа во гостување на телевизија Телма рече дека Охридскиот рамковен договор е решение за мултиетничка Македонија и оти тоа треба да се прецизира во Преамбулата.

-Во Преспанскиот договор е предвидено прецизирање на АСНОМ со дефинирање на Прогласот како основен документ. Ние сметаме дека при дефинирање на конститутивните документи на државата е логичен след на чекори, што не е барање само на Албанците, туку на сите политички партии во државата, бидејќи Охридскиот рамковен договор е вклопен во Уставот со амандмани, само што не е споменат како документ. Логично е за да има една целина на конститутивните елементи на државата хронолошки да се Крушевската Република, Прогласот на АСНОМ, 8 Септември и Охридскиот рамковен Договор, рече Османи.