Заедно со своите постари и поискусни колеги ќе бидете столб на државноста и на сувереноста на нашата татковина. Вие сте оние на кои зборовите патриотизам, храброст, пожртвуваност нема да им бидат само зборови, туку ќе им бидат начин на живот. Без вас и вашиот професионализам нема да може да зборуваме за независност, самостојност, за сигурност, за економски напредок и просперитет во Република Македонија. Од вас тргнуваат и на вас почиваат овие вредности.
Ова е пораката што им ја упати вицепремирката и министер за одбрана Радмила Шекеринска денеска на промоцијата на новите 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија во касарната „Илинден“ во Скопје.
– Овој воз во кој сме сите заедно е на многу брза лента. Граби напред и не смее да застане. Ве повикувам сите заедно здружено и сплотено да бидеме подобри, поефикасни и попрофесинални, им порача Шекеринска, додавајќи оти поминале тежок процес на тестирања, а сега, нагласи, ќе им треба истата енергија и посветеност за да покажат колку можат да и понудат на РМ
Таа се осврна на ветувањето дадено на почетокот на оваа година дека 2018 година ќе биде година на подмладување на составот на АРМ и оти во текот на годината ќе се распишат три огласи со кои армијата ќе се засили со нови 375 нови профрсионални војници. Посочи дека денешните 125 нови професионални војници се втора генерација и информира дека овие денови ќе се објави и третиот оглас, по што, како што потенцира Шеќеринска, ќе можеме да се каже дека подмладувањето на АРМ се случува како дел од план што заедно го работеше МО и АРМ.
– Го одржавме зборот и во однос на стратешките приоритети. Паралелно со вашиот прием во АРМ ги започнавме и предпристапните разговори со НАТО што оваа земја ги очекуваше веќе 10 години. Убедена сум дека пристапните разговори ќе бидат брзи, ефикасни и квалитетни. Полноправното членство во Алијансата – сон на вашите и мои претходници е на само еден чекор, а вие сте првите кои ќе ги почувствувате придобивките многу директно во вашата секојдневна работа. Вам ќе ви бидат отворени вратите да се борите за уште поголеми успеси, ќе можете да создавате уште поголем престиж и за вас лично како професионалци, но и за Армијата која ќе ја претставувате. Тоа ќе го правите со најмоќните светски армии од најразвиените држави во светот. Ќе можете да бидете горди што секој од вас со вашата работа, упорност и професионалност ќе може да даде личен придонес кон овој процес на интеграција што ќе донесе нова ера за Македонија како 30 – та члнека на НАТО, рече меѓу другото во обраќањето на промоцијата на новите професионални војници министерката Шекеринска.
Им порача дека одговорноста пред нив е и ќе биде голема.
– Вие сте најважниот и ќе бидете најважниот столб на татковината, но вие сте и првите кои граѓаните ги гледаат кога се соочуваат со природни катастрофи и непогоди. АРМ затоа е институција која го ужива најголемиот углед кај граѓаните во нашата земја, истакна министерката за одбрана и додаде дека токму од тие причини продолжуваат да работат напорно и посветено.
Шекеринска потсетувајќи дека буџетот за АРМ оваа година порасна за 15 проценти, најави дека истиот ќе продолжи да расте со точно определна динамика секоја година.
– Од тоа нема да отстапиме. Вработените оваа година после долги години првпат добија покачување на платите за 10 проценти. Оваа година првпат успеавме да потпишеме договор за набавка на чизми, продолжуваме со набавката на нови униформи, рече таа и изрази уверување дека следната година, како што подвлече, ќе можеме да бидеме многу поамбициозни и да се фокусираме на главниот процес, а тоа е модернизација и опремување, кој ќе донесе нова и напредна техника и технологија. Меѓу другото информира дека се воведуваат промени и развој и во военото образование.