Заев и Села без договор – Алијансата не прифаќа вицепремиерско место за реформи

Алијансата на Албанците вчера не го прифати понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата. Ова е исходот од вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Во информацијата од Владата се наведува дека на состанокот Села информирал дека Алијансата на Албанците не го прифаќа понуденото вицепремиерско место за реформи на Владата на РМ.

По средбата со Заев, Села изјави дека Алијансата на Албанците останува на своите ставови за задржување на министерското место за здравство.

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека партијата останува на своите ставови и сака и натаму да го задржи министерското место во здравство.

Села не кажа дали ќе излезат или ќе останат во владината коалиција.

– Имавме средба со премиерот. Јавноста веќе е запознаена за што се работи. Ние остануваме на нашите ставови дека нема да прифатиме позиции кои  се токмат преку ноќ и да се омаловажува Алијансата за Албанците. Такво нешто нема да прифатиме. Му дадов предлог на премиерот да стокми уште една позиција за што би било заменик премиер за носење бурек и после таа позиција ќе и ја дадам на ДУИ за да именуваат некој нивен министер. Ние остануваме на нашите ставови  дека ќе го држиме Министерството за здравство  и нема да правиме договори и наддоговори. Договорот за формирање Влада е направен кога се направи Владата, изјави Села.

Села кажа дека поранешниот министер за здравсто, Арбен Таравари, кој е од Алијансата на Албанците, со успех и правилно менаџирил со ова министерство.

Села не кажа што му одговорил Заев на ова негово барање и посочи одговорот да го побараме од премиерот. Тој не кажа дали Алијансата на Албанците останува во Владата или не, туку рече дека тие остануваат во процесите на реформи и оти ќе продолжат да ги поддржуваат.

– Бевме главни актери во падот на режимот и уште ќе бидеме фокусирани и остатоците од тој режим, кои се останати во оваа Влада, да сносат одговорност пред лицето на правдата, рече Села, додавајќи дека правдата е целосна ако се однесува на сите.

Уште еднаш потврди дека кандидат на Алијансата на Албанците за министер за здравство е Вулнет Ферати.

На прашањето што доколку Заев испрати предлог до Собранието со името на министерот за здравство што веќе беше објавено,Села рече дека тогаш Алијансата на Албанците ќе заземе став по тоа прашање и како се однесува кога ќе биде испратен предлогот.

– Се надеваме дека предлогот за министер за здравство ќе биде од Алијансата на Албанците бидејќи на таков начин премиерот ќе се покаже сериозен и ќе докаже дека не потклекнува под притисоци кои некој му ги прави за да игра политички игри, рече лидерот на алијансата на Албанците.

Од Владата завчера официјално објавија дека за министер за здравство е предложен Венко Филипче, актуелен советник на премиерот Заев, место кое повеќе од три месеци е испразнето, откако Арбен Таравари од Алијанса за Албанците стана градоначалник на Гостивар.

Пред два дена Артан Груби од ДУИ најави дека заменик министер за образование и наука ќе биде Арбр Адеми и потенцира дека „ситуацијата е решена, и оти парламентарното мнозинство е стабилно и без и со партијата на Зијадин Села“.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ во средата во интервју за ТВ21 ја нарече Алијансата несериозна партија која има само два пратеници.