Заев: Турската заедница значаен дел од Македонија, историјата спои држави и народи

Премиерот Зоран Заев на синоќешната прослава по повод Денот на турски јазик порача дека припадниците на турската заедница се значаен и конструктивен дел од општеството, а Турција е земја со која Македонија гради пријателски односи.

– Турција беше прва земја која подаде пријателска рака на самиот почеток на осамостојувањето на Република Македонија. Земја која изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери на општественото живеење. Република Македонија секогаш ќе го има тоа предвид. Отвореноста и блиската соработка се најзначајната алка во градењето на стратешките односи помеѓу двете земји, истакна премиерот Заев пред турскиот вицепремиер Хакан Чавушоглу и турската амбасадорка во земјава Тулин Еркал Кара.

Осврнувајќи се на односите меѓу двете држави, Заев рече дека Македонија и Турција се пример како треба да се соработува и да се влијае врз соработката во регионот и пошироко. Посочи дека Турција придонела Македонија да стане активен учесник во обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност и оти Турција постојано и дава безрезервна поддршка на Македонија за исполнување на нејзините аспирации во Европската унија и НАТО.

Турција, како што потсети Заев, е и меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ и согласно договорот потпишан пред два дена за воена финансиска соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји е предвидена поддршка од 1,5 милиони долари од Турција за Македонија.

– Освен денешниот празник, Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Кемал Ататурк. Историските околности посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција кој точно пред 118 години се стекна со диплома на воената гимназија во Битола, Република Македонија. Историјата спои држави и народи, нагласи премиерот Заев.

Нагласувајќи дека годинава се навршуваат 25 години од вопоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, премиерот Заев изрази надеж дека наскори ќе ја посети Турција.