Кредитната активност на банкарскиот сектор со квартален раст од 2,7 отсто

По остварениот сезонски пад во првото тримесечје од годината, кредитната активност на банкарскиот сектор во вториот квартал оствари раст од 2,7 отсто, соопшти денеска Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем што го усвои денеска Советот на НБРМ, поголем придонес за раст на активноста на кредитниот пазар имаше секторот „домаќинства“, но и кредитирањето на корпоративниот сектор беше солидно и имаше значителен придонес кон кварталната промена на кредитната активност. Растот од 2,5 проценти кај депозитите во вториот квартал произлегува од депозитите на претпријатијата, со натамошен позитивен придонес и на депозитите на домаќинствата.

Во вториот квартал, растот на нефункционалните кредити изнесуваше 2,1 отсто и беше повеќе присутен во корпоративното кредитно портфолио на банките. Кварталниот раст на нефункционалните кредити на домаќинствата се забрза до нивото од три проценти за што најголем придонес дадоа потрошувачките кредити одобрени на подолги рокови. Поради солидниот раст на кредитната активност на банките, учеството на нефункционалните во вкупните кредити во второто тримесечје од годината не се промени во однос на претходниот квартал и изнесува 5,1 отсто.

-И во вториот квартал од 2018 година показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на стабилно ниво, при што ликвидните средства учествуваат со околу една третина во вкупните средства на банките, покривајќи повеќе од половината од краткорочните обврски и близу 60 отсто од вкупните депозити на домаќинствата. В о првото полугодие од годинава, добивката на банкарскиот систем и натаму се зголемува, а стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 2,4 и 21,3 отсто. Подобрата профитабилност на банкарскиот сектор најмногу произлезе од наплатата на претходно резервирани побарувања и продажби на преземен имот заради ненаплатени побарувања, наведува НБРМ.

Во усвоениот Извештај е одбележано и дека солвентноста на банкарскиот систем бележи мало подобрување, при што стапката на адекватноста на капиталот достигна 16,5 проценти . Подобрувањето на показателите за солвентноста најмногу произлегува од зголемувањето на капиталните позиции, заради реинвестирање на добивките, и покрај позначителниот раст на активностите на банките.

Директните изложености на банкарскиот систем на валутен ризик и ризик од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности се сѐ уште мали и учествуваат со 6,5 и 4,9 отсто, соодветно, во вкупните сопствени средства. Со позначителната застапеност на кредитите со валутна компонента на домаќинствата и нефинансиските друштва, се издвојува значењето на валутниот ризик за нивната стабилност и следствено, за стабилноста на банките, за што суштински предуслов претставува политиката на стабилен девизен курс на денарот во однос со еврото.

На седницата, Советот ја разгледа и ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителна резерва, во која измените се однесуваат на задолжителната резерва за деловните банки што се одржува во евра.

-Со усвоените измени НБРМ и други централни банки од ноемврискиот период ќе почнат со утврдување надомест на задолжителната резерва во евра, при што висината на надоместот ќе биде директно поврзана со каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ на Европската централна банка. Воедно, согласно со оваа одлука, се менува и пресметката на надоместот што банките го плаќаат на вишокот издвоени средства над задолжителната резерва на девизната сметка во евра во МИПС, при што тој ќе се утврдува по стапка еднаква на каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ на Европската централна банка, намалена за 0,15 процентни поени, информира НБРМ.