Коѕијас: Се надевам дека сѐ ќе биде во ред со Договорот од Преспа

Се надевам дека ќе биде сѐ во ред со Договорот од Преспа, бидејќи во спротивно оние кои веруваат во лесни решенија ќе видат колку потешки можат да станат работите, рече доцна синоќа поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по завршувањето на состанокот на политичкиот секретаријат на неговото движење на идеи и активности Прато.

-Склучивме договор со поранешната југословенска Република и јас станав поранешен министер, рече на шега Коѕијас кусо пред почетокот на состанокот, коментирајќи ја неговата оставка.

Меѓутоа по завршувањето тој пред медиумите објасни дека лично смета дека оставката е чесна мерка и истакна дека навредите упатени кон него лично и „врз одговорноста на еден политичар да си поднесе оставка кога има различни мислења“ покренуваат прашања .

Коѕијас рече дека според него, зад навредите и навредувачите „постојат интереси, но постои и неморалност“.

– Побарајте од премиерот на земјата да ја објави мојата оставка што е на девет страници и доколку премиерот сака нека се објави. Но, да постои оставка што објаснува поради кои причини си поднесувам оставка и да велат дека е несфатлива.. Тоа е несфатливо, рече Коѕијас.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија истакна дека надворешната политика ја води премиерот и Министерството за надворешни работи, а „Министерството за одбрана, одбранбено го поддржува спроведувањето на надворешната политика“.

-МНР не е број два, тоа да биде јасно, порача Коѕијас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, индиректно, без да ги именува упати критики до владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос и до министерот за одбрана Панос Каменос. До Ѕанакопулос во однос на ставот изнесен вчера, дека оставката на Коѕијас  за него е политички несфатлива, а за Каменос во однос на водењето надворешна политика, но и за тајните фондови.