Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, заедно со потпретседателите Фросина Ташевска Ременски, Весел Мемеди и Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи Томислав Тунтев, Драган Данев, Агим Шаќири, Африм Гаши и Теута Биљали, како и Генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, остварија средба со членовите на Работната група одговорна за односите на Европската унија со земјите од Западен Балкан, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија и Косово.
Како што соопшти собраниската прес-служба, работната група ја сочинуваат експерти од секоја од земјите членки на ЕУ, кои се занимаваат со прашања од областа на општиот политички и економски развој, процесот на стабилизација и асоцијација и финансискиот инструмент за претпристапна помош (ИПА).
На средбата, членовите на Работната група се интересираа за актуелните случувања во Собранието по одржувањето на референдумот и беа информирани од претседателот на Собранието за текот на дебатата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со насоки за изменување и дополнување на Уставот со цел спроведување на Договорот со Грција.
Учесниците разменија мислења и за динамиката на спроведувањето на реформските процеси во областа на правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и борбата против корупцијата.
На средбата е поздравена посветеноста на институциите на ЕУ за перспективата за проширување со земјите од Западен Балкан, а членовите на Работната група изразија подготвеност за целосна поддршка и помош на нашиот пат кон полноправно членство.