Пратеникот од ГРОМ Панчо Минов, дел од опозицијата, за време на собраниската расправа за Предлогот кон пристапување кон уставни измени рече дека ќе биде доследен на партиско-коалицискиот став и дека ќе гласа против предлогот- одлуката, но предложи да биде условена од македонска страна употребата на името Република Северна Македонија, а грчката страна да даде гаранции за македонскиот идентитет.
Минов рече дека неговите предлози се во насока на изнаоѓање решенија кои ќе бидат усогласени меѓу власта и опозицијата во интерес на донесувањето на одлуките за евроатланската интеграција на Република Македонија. Според него, мора да се најде решение за големата разединетост помеѓу партиите, граѓанството и воопшто во општеството.
– Определбата на ЕУ и НАТО е неспорна, проблемот е во тоа што интеграцијата во ЕУ и НАТО се условува со промена на нашето уставно име и тоа ерга омнес. Во изнаоѓањето на решенијата на овој голем проблем лично сметам дека треба да пристапиме кон изнаоѓање на решение кое ќе значи оваа условеност наметната од грчката страна да се задоволи, а во исто време сообразно да се однесуваме со нашето одлучување како пратеници во Парламентот, согласно изразената волја на граѓаните на референдумот. Тоа претпоставува, ако е условено нашето евроатланско интегриорање во ЕУ и НАТО со промена на уставното име од грчка страна, ние да условиме прифаќање на промена на уставното име во Република Северна Македонија да се применува по нашето зачленување во НАТО и во ЕУ, рече Минов.
Со уставен закон со кој се спроведува овој најважен амандман за промена на уставното име, додаде тој, да определиме рокови и услови со што примената на оваа промена на уставното име во меѓународни релации на Република Македонија да важи по ратификацијата на Договорот од Преспа во Парламентот на Грција, како и со ратификацијата на повелбата за пристап на Република Македонија во НАТО од страна на сите членки на НАТО, вклучително и на Република Грција.
– Прифаќањето на промената за уставното име за внатрешна употреба да важи со финализирањето на преговорите по сите релеватни поглавија за зачленување на Република Македонија во ЕУм, во рок од пет години односно дополнителен рок со зачленувањето на Македонија во ЕУ, предложи Минов.
Ако ова се прифати од страна на власта, додаде пратеникот, уставниот закон да го предложи опозицијата, а тој да биде основа за преговарање меѓу власта и опозицијата на лидерско ниво, во втора фаза со преговарање и учество на парламентарните и вонпарламентарните партии, како и со претставници на албанскиот политички блок.
Пред донесување на одлуката за пристапување кон измени на Уставот, Минов рече дека треба да бидат дадени јасно утврдени гаранции за македонскиот идентитет којшто ќе ги гарантираат државотворност на македонскиот народ и другите граѓани кои живеат во Република Македонија, и со тоа ќе има заштита и гранација и на другите елементи кои ќе значат македонски национален идентитет, македонски јазик, територија и култура.
– Ова да се регулира во Преамбулата на Уставот на РМ, вели, меѓу другото, Минов.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека во извесна смисла дебатата на Минов е вредна за размислување, но смета дека многу би било ризично ако се отворат нови преговори.
Хари Локвенец од СДСМ го повика Минов да гласа за уставните измени, кои како што кажа, за кои пратениците се уште го немаат текстот.
Претходно, пратеникот Бранко Маноиловски од ДУИ предложи на секој, како што кажа, вмровец кој ќе гласа, државата да стои зад него, ама прво да гласа и да се амнестираат сите што згрешиле. Се е економија, пари, рече Маноиловски, кој додаде дека треба да се гледа во иднината а не во минатото.
Според Артан Груби, негов сопартиец, искажаното на Маноиловски на собраниската говорница било негов личен став а не став на партијата, а за предлозите на Минов кажа дека се добредојдени и конструктивни. Сепак, повика пратениците да гласаат за уставни измени.
Поголем дел од пратениците кои се пријавија за гласање првиот ден од собраниската расправа, се откажаа од ова право. Дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа пријавени за збор се повлекоа. За збор се останати над дваесетина пратеници.