Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, кој е во посета на Брисел на конференција на Европската Народна Партија (ЕПП) посветна на Западниот Балкан, за МИА вели дека, без да прејудицира кој би ја предводел следната грчка влада, уверен е оти и Сириза и Нова Демократија се свесни дека ќе биде потребен „нов подобар договор за името“.
И покрај изјавите на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, вториот човек на најголемата опозициска партија во Македонија тврди дека подобар договор може да се испреговара.
– Официјална комуникација нема, но сите информации коишто доаѓаат и од Сириза и од Нова Демократија, и чувството коешто го имаме е дека доколку ова пропадне тие нема да кренат раце и ќе продолжат да дискутираат со Македонија за нов подобар договор, вели Николоски.
Тој останува на истиот став којшто го имаше пред референдумот дека договорот не е добар и оти треба да се дојде до подобар, но признава дека тоа би значело дека Македонија нема да се зачлени во НАТО во наредната година како што се планираше доколку помине спогодбата со Атина.
Николоски вели дека не верува во пораките испратени од голем број европски министри и претставници дека без договорот, Македонија ја чека изолација.
– Не верувам дека е во интерес на било кого, најмалку на ЕУ, да ја изолира Македонија, мислам дека ќе направи сѐ да ја интегрира. Никој не може да ни го одземе правото да се бориме за подобар договор и мислам дека ќе го постигнеме, вели Николоски за МИА.
Тој додава дека во интерес на Грција е нејзината северна граница и Македонија да останат стабилни.
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ вели дека изјавата на пратеникот Илија Димовски за стратешко партнерство со ЕУ и НАТО додека не се испреговара подобра спогодба не е официјален став на партијата.
– Ја гледам како изјава на Илија Димовски како пратеник на ВМРО ДПМНЕ. Ние отворивме широка можност сите пратеници да кажат свои ставови во текот на дискусијата, не е официјален став на партијата но секако е работа која е интересна да се разгледува, вели тој.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека има четири најпроблематични елементи во Преспанскиот договор.
– Прво тоа што се поништуваат сите претходни придобивки на Македонија од типот на привремената спогодба, пресудата во Хаг, … Второ е промената на Уставот со цел промена на уставното име, трето е членот 7 кој се однесува на територијално дефинирање на нација и јазик што ја потврдува тезата за вештачка нација и вештачки народ, вели Николоски.
За ВМРО проблематична е и меѓуресорска владина комисија за историја, култура и наука. Според партијата, таа ќе претставува „систем за вечно блокирање на Македонија во ЕУ затоа што ќе треба да дава извештаи секои шест месеци кога се отвораат поглавјата со Унијата.
– Некој може да рече дека тоа може да го прави и без членот 8, но вака самите ние потпишуваме, даваме правна форма да можат да го прават тоа, вели потпретседалот на партијата.
Околу подадената рака за помирување на премиерот Зоран Заев, Николоски денеска во своето обраќање пред ЕПП истакнал дека „најдобар доказ“ е дека судските случаи против членовите на неговата партија се „фабрикувани“ и „служат како чипови за преговарање“ за да се убедат пратениците да гласаат за уставните измени.
На прашањето во врска со информациите дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се заплашуваат за да не гласаат за уставните измени, Николоски побара од институциите да им обезбедат заштита.
– Насока на ВМРО до сите фунцкиониери и пратеници е да ги пријават во полиција и во обвинителство сите закани коишто ги добиваат, онаму кадешто можат да документираат од типот на социјални мрежи да документираат и очекуваме инсититуциите да преземат мерки да ги заштитат. Затоа што притисок е недозволив и ние го осудуваме, изјави Николоски.