„По стапките на Дичо Зограф“ во околината на Скопје

Во околината на Скопје се одвиваат активности „По стапките на Дичо Зограф во Скопско“ со цел творештвото на познатиот мајстор на иконописот Дичо Зограф да му се доближи на населението од руралните средини на градот.

„Женска акција“, чија мисија е унапредување на статусот на жените и младите, информира дека се спроведуваат активности за градење капацитети на локалните жители, особено на младата популација, за вредностите и значењето на нивното локално недвижно културно наследство. Во функција на одржлив развој во туризмот, се реализираат работилници, средби, едукативни флаери, прикажување на серијата „Прекалени – Дичо Зографот“.

Дичо Зограф е еден од најголемите македонски зографи во 19 век, чии дела станаа парадигма за генерации зографи во пошироките балкански простори. Роден е во 1819 во дебарското село Тресонче. Создал импресивен опус кој содржи повеќе од 2000 дела кои пленат со својот изглед и го откриваат неговиот чудесен духовен свет.

Неговото иконописно творештво претставува пресвртница на илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна уметност.