Меѓународна конференција на воените музеи од Македонија и Австрија

Воениот Музеј на Македонија кој работи во состав на Министерството за одбрана на Република Македонија и Државниот воен музеј на Австрија, континуираната стручна соработка ја дополнуваат и со научна соработка изразена со меѓународен собир кој се одржува во Битола.

Меѓународната научна конференција посветена на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна со избран наслов „Од борбените линии кон точка на помирување: Битола 1918-2018“ е од големо значење за двете држави, посочи Александар Стојчев, директор на Воениот Музеј на Македонија.

– На конференцијата учествуваат гости од повеќе европски држави, а идејата е да се разгледаат сите релевантни факти со кои што располагаат учесниците, да се отворат нови теми и видувања во минатото за таа прва глобална катастрофа на човештвото во која загинаа над 10 милиони луѓе, а страдаше и цивилното население. Имајќи го пред вид насловот на конференцијата, исто така, нашата идеја е во духот на помирување да излеземе со една поинаква перспектива за подобра иднина, за соживот во мир во Македонија и насекаде во светот, истакна Стојчев.

Според Кристијан Ортнер, директор на државниот Воен музеј на Австрија, соработката меѓу стручните лица од двете држави е исклучителна и на високо ниво, а резултат на таа соработка е меѓународната конференција и покажаниот интерес од академската јавност.

– Важно е на вакви настани да се согледаат и анализираат сите информации од различен агол, перспектива. Тоа дава дополнителен квалитет. Случувањата од војните треба засекогаш да останат во музеите, а денешните активни политики и политичари треба да ги имаат пред вид случувањата во минатото за да создаваат подобра иднина, рече меѓудругото Ортнер.

Во рамки на меѓународната конференција, синоќа во Битола беше отворена изложба на тема „Македонија и Македонците во Првата светска војна“, проект на Воениот Музеј и Државниот архив на Република Македонија, реализиран во соработка со Воениот музеј на Австрија.

Изложбата во Виена ја посетиле над 20.000 посетители, информираа организаторите на дводневниот меѓународен собир во Битола.