Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика на медиумите во Македонија усогласија минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се транспарентна сопственост, објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот, прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите и регистрација на правен субјект во Македонија.
Трите организации бараат од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите.
– Ги повикуваме рекламерите на општествена одговорност и да се воздржат од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми, се наведува во соопштението на трите здруженија.
Доколку Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели.
-Ова може да се искористи како алиби за да се донесе рестриктивна законска регулација на онлајн медиумите која може да ја ограничи слободата на изразување на интернет, додаваат тие.