Откупот на ЕДС од грчката државна компанија за електродистрибуција (ДЕИ) беше едногласно одлучен од Управниот одбор на ДЕИ, тоа е дел од стратегијата за проширување на компанијата на Балканот, а процесот ги следеше меѓународните стандарди, велат министерот за енергија и животна средина на Грција Статакис и од јавната компанија за електрична енергија, по обвинувањата и критиките од најголемата грчка опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Нова демократија, преку изјава на портпаролката Мариа Спираки и преку пратеничко прашање од пратеникот Костас Скрекас, коментираат дека во период кога јавната компанија за електродистрибуција е во лоша финансиска состојба откупува компанија со негативен капитал и бараат грчката влада да одговори врз основа на кои критериуми било одобрено купувањето на ЕДС.
Министерот за енергија и животна средина на Грција, Јоргос Статакис, во писмена изјава вели дека откупот на ЕДС од ДЕИ е познат веќе една година и бил во рамките на политиката на компанијата за проширување на Балканот.
– За оваа стратегија беше разговарано уште од февруари 2018 на Управниот одбор на компанијата и беше одлучено да започне процесот на откуп врз база на меѓународните стандарди што се следат во такви случаи, со неопходните правни, економски, даночни и други истражувања (due diligence) од страна на престижни меѓународни компании, кои беа избрани по постапки за јавни набавки. Процесот беше завршен во април истата година и беше одобрен од управниот одбор на компанијата. Се прашувам зошто Нова демократија сега се сети на ова прашање, вели министерот за енергија и животна средина на Грција во изјавата по обвинувањата од Нова демократија.
Со соопштение реагираше и грчката компанија за електродистрибуција (ДЕИ) која ја купи ЕДС. Велат дека одлуката и стекнувањето со компанијата биле направени со целосна транспарентност и примена на правилата за корпоративно управување и станува збор за бизнис потег, за кој едногласно донесен од Управниот одбор.
-Основен критериум за откупот, како и за другите деловни активности и иницијативи што ќе се преземат во следната период во соседните земји, е имплементацијата на стратегијата на ДЕИ за нејзино трансформирање во меѓународна бизнис група со водечка улога на пазарот на Балканот, во перспективата на Енергетската унија на ЕУ, соопштуваат од ДЕИ и додаваат дека продажбата на ЕДС била одамна најавена.
Во однос на вредноста и економските податоци за ЕДС, од ДЕИ велат дека компанијата имала континуиран петгодишен профит во периодот 2012-2016, во 2017 претрпела штета како резултат на енергетската криза што ја погоди Европа, а во првата половина на 2018 година, профитот регистриран од ревизор бил 626.645 евра.
– Вредноста на компанијата беше направена од две реномирани меѓународни фирми во два различни временски периоди. За процената на вредноста беа земени предвид финансиските податоци и перспективите на компанијата. Процесот на Due Diligence спроведена од реномирани економски куќи и правни канцеларии беше завршен на почетокот на април 2018 година. Цената од 4,8 милиони по која беше купена ЕДС беше пониска, од проценетата вредност на двете куќи, објаснуваат од грчката јавна компанија електрична енергија.
Соопштението од ДЕИ и од министерот за животна средина и енергија, дојде откако од опозициската Нова демократија, најпрво реагираше портпаролката Мариа Спираки, а потоа и пратеникот Костас Скрекас.
– Во време кога Грците скапо ја плаќаат ДЕИ која пропаѓа, владата ја принуди да купи за 4,8 милиони евра скопска компанија за електрична енергија која лани имаше загуба од 5,4 милиони евра. Дополнителни прашања отвора тоа што оваа компанија припаѓа на вицепремиерот на владата на Скопје. Владата треба веднаш да одговори со каква цел и по кои критериуми одбра да купи проблематична компанија во Скопје и пред сѐ, како ја оправдува цената, рече портпаролката на Нова демократија.
Во пратеничко прашање до надлежниот министер, пратеникот од Нова демократија, Костас Скрекас, бара одговори за финансиската состојба на грчката државна компанија за електродистрибуција (ДЕИ), а во тој контекст го споменува и откупот на ЕДС.