Камбовски: Предложените измени не се спротивни на основните начела на Уставот

Уставните измени што ги предлага Владата содржат решенија кои кореспондираат со потпишаниот Договор со Грција  и со својата содржина одговараат на основните уставни начела и не се спротивни со нив, смета академик Владо Камбовски. Очекува пратениците во Собранието да решаваат, како што рече, не по наредба на нивните партиски шефови, туку врз основа на својата совест, знаења, предвидувања и поради интересите на државата.

– Тоа значи владење на правото, демократска држава, правна држава, заштита на човековите слободи и права. Ова посебно го нагласувам затоа што и во Договорот со Грција тој момент – дека ниедно од решенијата содржани во самиот Договор и потоа во уставните амандмани што ќе претставуваат негова реализација, не може да биде во сприотивност со основните начела и стандарди за основните човекови слободи и права. Според тоа, и решенијата што се содржани овде, се сосема во согласност со универзалните стандарди за човековите слободи и права. Така што, околу прашањата за националниот идентитет, јазикот, посебноста итн, тие, според мене, се веќе надминати во самиот Договор со Република Грција, истакна Камбовски за медиумите денеска во МАНУ каде што беше одбележана 51 година од основањето ан Академијата.

Очекува пратениците во Собранието да решаваат, како што рече, не по диктат и по наредба на нивните партиски шефови, туку врз основа на својата совест, знаења, предвидувања, а притоа со земање предвид на интересите на општеството во целина и на идните поколенија.

– Допуштам некои работи што досега кружеа во јавноста, како стравови од тоа што ќе донесат – и Договорот, и уставните измени, дека се должат на незнаење. Јас им препорачувам на сите кои имаат потреба од некои дополнителни објаснувања од страна на науката, особено поврзани со Договорот – што е изворот на овие уставни измени, слободно да дојдат или да одам да разговараме за смислата на тие решенија и нивната компатибилност и со меѓународното право, и со меѓународните стандарди за човековите слободи и права и особено со интересите на Република Макеоднија и нејзните перспективи низ евроатлантските интеграции, додаде Камбовски.

Во однос на одредбата што се однесува на дијаспората, академикот рече дека се вградени универзални стандарди – дека секоја држава е должна во своите граници да се грижи и да ги гарантира основните човекови слободи и права, вклучувајќи ги, како што рече, и правата на националните заедници, малцинства, не само национални, туку и други малцински групи.

Поранешниот принцип на патернализам на една држава кон друга држава што, рече Камбовски, останал од едно време кога меѓу државите не постоеше таков степен на соработка и сплотеност, денеска е заменет со овој принцип на соработка и одговорност на самата држава за сите тие прашања во рамките на нејзиното законодавство.

– И конечно, сите држави, и од нашиот регион, се потписнички на Европската конвенција на човековите права и ја прифаќаат јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права. Така што, и тоа е една гаранција која обезбедува државата слободно да оди со едно решение од типот на она што е предложено  – дека државата не може да преземе улога да се грижи во таа мера што таа ќе ги гарантира малцинските права на одредени групи од друга држава. Тоа претставува веќе мешање во внатрешните работи на другата држава и изразување степен на недоверба – да речеме, во конкретниот случај, дека Република Грција може да најде соодветен формат, начини како да ги гарантира малцинските права на кого било. На крајот на краиштата, Грција е членка на ЕУ и важат нормите и стандардите предвидени во Повелбата за основните права на ЕУ која е, исто така, извор на европското право, додаде академик Камбовски.