Македонија ја прославува Светската недела на вселената

Годишната прослава на Светската недела на вселената во Македонија почнува денеска со темата „Вселената го обединува светот“. Целта на овој настан на глобално ниво е да се стави акцент на придобивките од вселенските истражувања спроведени во текот на изминатата година за решавање на предизвици на планетета земја и во вселената.

– Секоја година од 4 до 10 октомври луѓето од целиот свет се собираат за да ги прослават достигнувањата во истражување на вселената и да ги едуцираат и инспирираат младите, велат локалните координатори на Светската недела на вселената во Македонија, Марина Таневска и Дора Локвенец

Во оваа иницијатива изминатата 2017 година се вброија 3.700 настани во 80 земји, меѓу кои и Македонија, а оваа година се очекува бројот на настани да е уште поголем.

Годинашните активности на Неделата на вселената во Македонија вклучуваат неколку предавања и работилници за деца од различни возрасти и посета на мегалитската опсерваторија Кокино.

Во текот на наредните седум дена на официјалната фејсбук страница ќе може да се научат интересни факти за вселената, како дел од серијалот на објави #ДалиСтеЗнаелеДека.

Локалните координатори на Светската недела на вселената во Македонија ги повикуваат сите вљубеници во вселената и небесните тела да се вклучат во иницијативата и да ги посетат настаните.