Обезбедување двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени во Собранието, кои произлегуваат од Договорот од Преспа, е во фокусот на Владата следните денови, иако не е исклучена опцијата, како последна легална алатка, да се одржат и предвремени парламентарни избори. Премиерот Зоран Заев веќе посочи дека доколку се оди на избори тие би се одржале кон крајот на ноември, а како можен датум го посочи 25 ноември.
Примарна цел на Владата во моментов се разговори со пратениците за да се обезбеди двотретинско мнозинство. Став на Владата е дека Собранието и сите политички партии треба да ја следат волјата на граѓаните искажана на референдумот.
– Процесот во моментот е во Собранието и интенцијата е да се обезбеди двотретинско мнозинство, изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Владата очекува дека пратениците од опозицијата ќе ја следат волјата на граѓаните.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на својот ФБ профил истакна дека со убедливото мнозинство граѓани кои излегоа да гласаат на референдумот и дадоа поддршка за Договорот од Преспа, должност е да се оди напред со или без нови избори.
Тој на Фејсбук објави статус насловен „Факти за референдумот“.
– Да имаше еден, ЕДЕН глас ПРОТИВ повеќе, ќе се поклоневме и ќе креневме раце. Но, со вака убедливо мнозинство „ЗА“, наша должност кон народот е да најдеме начин да зачекориме напред, без или со нови избори, вели шефот на дипломатијата.
Поддршката на меѓународната заедница за напорите на Владата да обезбеди двотретинско мнозинство, да ги истера измените и да продолжи да ја носи земјата на патот до ЕУ и НАТО е повеќе од евидентна. За поддршка на процесот вчера се огласи и владејачката германска ЦДУ/ЦСУ, сестринска партија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Европските народни партии.
Заменик-претседателот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, Јохан Давид Ваделул истакна дека со над 91 процент од гласовите „За“, гласачите во Македонија дадоа огромна поддршка за европскиот пат и за поголема перспектива на нивната земја во ЕУ и НАТО.
ЦДУ/ЦСУ смета дека опозицијата не смее да ја блокира перспективата на Македонија за НАТО и ЕУ. Предупредуваат дека неуспехот на договорот за името ќе ја изолира земјата на долго време.
– Сепак, референдумот не е обврзувачки. Клучно е дека неопходното мнозинство од две третини за уставниот амандман и промената на името се постигнува со потребното гласање во Парламентот, истакнува Ваделул.
За референдумот вчера се огласи и Турција, која посочи дека ќе продолжи да го поддржува просперитетот и безбедноста на пријателска Македонија и нејзиното членство во ЕУ и НАТО.
– Турција ја признава Република Македонија под уставното име уште од нејзиното осамостојување. Како и досега ќе продолжиме да ја поддржуваме пријателска Македонија, нејзиниот просперитет и безбедност, како и нејзиното зачленување во ЕУ и НАТО, се наведува во реакцијата на официјална Анкара по неделниот референдум во Македонија.
И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера уште еднаш повтори дека Договорот со Грција е единствен пат за влез во оваа и други организации, но додаде дека земјата суверено треба да одлучи дали и како тоа ќе го стори, преку Собрание или предвремени избори.
– Нема алтернативен пат за влез во НАТО без заеднички договорено решение со Грција. Токму поради тоа го поздравив Договорот со Грција и целосно ја поддржувам неговата имплементација, рече Столтенберг.
Покрај мноштвото пораки на поддршка за изгласување на Договорот од Преспа во македонскиот Парламент со дијаметрално спротивен став излезе официјална Москва, која преку руското МНР порача дека референдумот дефитинивно е неуспешен и дека за евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција ќе треба да одлучува и Советот за безбедност на ОН, што од медиумите, особено во Грција, беше оценето како прикриена закана за руско вето во ОН.
Од македонската Влада укажуваат дека според договорот потпишан меѓу Република Македонија и Република Грција, постапката во ОН е утврдена и ги предвидува следниве чекори: прво, откако ќе се заврши процесот на имплементација или уставните промени во Република Македонија и ратификација на договорот во грчкиот Парламент, генералниот секретар на обединетите нации ќе испрати информација до Советот за безбедност на ОН дека прашањето е затворено со взаемна согласност на двете страни. Второ, Советот за безбедност на ОН за оваа информација нема ниту да дискутира, ниту да одлучува. За тоа говорат прецизните ставови 5,6 и 7 од член 20 од договорот.
ВМРО-ДПМНЕ, пак останува на ставот дека Договорот не доби легитимитет на референдумот.
За предвремени избори, според лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но мора претходно да се завршат одредени активности за да се дојде до предвремени избори, алудирајќи на Пржинскиот модел.
Фокусот на Владата во моментот е насочен кон обезбедување на мнозинството, а не на содржината на амандманите.
Во Министерството за правда засега нема предлог околу уставните измени, кои треба да произлезат од имплементацијата на Договорот од Преспа.
Министерката за правда Рената Дескоска појасни дека почетната процедура во подготовка за измена на Уставот не подразира веднаш да се почне со уставни амандмани, коишто се технички драфтирани, туку со предлог за измена на Уставот, којшто е во описен текст.
– Така што доколку постои мнозинство Владата ќе почне со таа постапка, рече Декоска.
Додаде дека кога ќе се согледаат натамошните чекори ќе се постигне договор во рамки на Владата околу тоа која институција ќе ја преземе обврска за изработка на измените.
Референдумот, натамошните процеси во Македонија предизвикуваат и соодветени реакции во соседна Грција. Владата на Алексис Ципрас останува на ставот дека процесот на решавање на спорот треба да се истера до крај, лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис бара референдум и во Грција.
– Настојуваме да ги убедиме и пратениците, но и самиот Панос Каменос дека овој договор треба да биде изгласан и од него и од пратениците на Независни Грци, бидејќи е во корист на интересите на народите, изјави министерот за дигитална политика на Грција, Никос Папас.
Во случај да се достави нова иницијатива за гласање недоверба на грчката влада, поради Договорот од Преспа, Папас вели дека нема во никој случај да се соберат 151 пратеник за да падне Владата. Додаде дека оваа Влада ќе го искористи четиригодишниот мандат, а избори ќе има во септември 2019.
Папас го повтори ставот на Коѕијас дека согласно Договорот од Преспа, референдумот не е неопходен.
Цврстите ставови на Нова демократија дека со Договорот од Преспа се отстапуваат македонска националност и македонски јазик, но и дека треба што поскоро да се распишат избори за да одлучи грчкиот народ, ги повтори лидерот на Нова демократија Мицотакис.
– Ние, овој договор нема да го ратификуваме, ниту сега, ниту ако го најдеме пред нас во следниот Парламент, повторува Мицотакис.
На референдумот во неделата граѓаните одговараа на прашањето „Дали сте за члнство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. „За“ гласаа 91,46 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање, а „против“ беа 5,66 од вкупно излезените 666.344 избирачи или 36,89 отсто од вкупниот електорат во Македонија.