Алтернатива за земјите од регионот, освен членство во ЕУ, нема, а регионот мора да биде поефикасен и заедно да работиме за иднината, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Белград каде присуствуваше на Самитот 100 – Бизнис лидери од Југоисточна Европа.
Според Анѓушев, регионот нема време за губење и мора да се отфрлат предасудите, а земјите од регионот да научат да соработуваат и да бидат партнери.
Во обраќањето на панелот „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар, Анѓушев рече дека македонската Влада активно работи на надминување на разликите кои ги има со соседните држави и на решавање на проблемите коишто ги има со децении.
– Во поглед на мобилноста и поврзаноста, добро е тоа што во сите земји се реализираат важни инфраструктурни проекти, но доколку со квалитетни автопатишта во кои инвестираме милиони евра, заштедиме 10 проценти од времето за патување, а притоа стоката стои на граници по 12 часа, реално не сме направиле ништо. Со години се водат политички дебати како да ја унапредиме регионалната соработка, а не се реализира договореното. Тоа е така заради заштита на локалните економски интереси, што е добро на кус рок, но не носи резултати на долг рок, истакна македонскиот вицепремиер за економски прашања.
Мора да научиме да соработуваме и нашите земји не смеат да бидат конкуретни, туку мора да бидат партнери, нагласи Анѓушев.
Во изјава за медиумите дадена по Самитот 100, вицепремиерот Анѓушев оцени дека станува збор за исклучително релеватен бизнис собир на кој отворено се разговара за сите проблеми со кои се соочува регионот на економски план. Посочи дека на панелите биле презентирани голем број идеи кои ќе ги мотивираат владите да изнајдат решенија за одредени проблеми кои би можеле да ја унапредат економската соработка на целиот регион.
Српскиот вицепремиер и министер за трговина Расим Љаиќ по завршување на самитот изјави дека само со здружување на економските и човечките потенцијали што ги има регионот, може да се надминат проблемите како што се лошата инфраструктура, технолошката заостанатост и големиот одлив на работната сила особено на млади образовани луѓе.
Српско-македонските економски односи, Љаиќ, ги оцени како одлични и изрази надеќ дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.
– Мислам дека имаме одлични економски односи со Македонија. Имавме вонцарински бариери кои едни на други си ги наметнувавме, но со колегата Анѓушев буквално преку еден разговор успеавме да ги отстраниме речиси сите бариери, изјави Љаиќ.
На Самитот на 100 бизнис лидери од Југоисточна Европа учествуваа над 200 деловни лидери од Србија, Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија и претставници на државите од регионот.
Главна тема на самитот во Белград беше дигиталната трансформација и изнаоѓањето начини за искористување на четвртата Индустриска револуција како отскочна даска за постигнување на квантен скок до развиен и глобално конкурентен регион.
Иницијатори за одржување на Самитот на 100 бизнис лидери беа Српската асоцијација на менаџери (САМ), Здружението на менаџери на Словенија (ЗМ), Хрватското здружение на работодавачи (ХУП), Алкалоид од Македонија, Атлас фондацијата од Црна Гора, ББИ Банка и АСА холдинг од БиХ.