Зборник со трудови за празнувањето на Ѓурѓовден во Македонија

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ денеска ќе промовираат зборник на трудови „Ѓурѓовден во Република Македонија“ во рамки на „Европската година на културното наследство 2018“.

Публикацијата е заокружување на повеќегодишната соработка меѓу УЗКН и Институтот на валоризација на празнувањата на пролетниот празник Ѓурѓовден кај сите етнички заедници во Македонија.

Изданието е финансирано од Министерството за култура, а целта е да ја промовира и потенцира важноста на разноликоста во културните екпресии и да укаже на потребата од вклучување на нематеријалната култура во креирањето на државните и меѓународните развојни политики.

– Препознавајќи ја кохезивната функција на нематеријалното културно наследство за нашето општество, празнувањата на Ѓурѓовден кај Македонците, Ромите, Турците, Албанците и Власите како поединечни добра се прогласени во 2011 година за културно наследство од особено, поткатегорија исклучително значење, соопшти УЗКН.