Прашки процес во Скопје: Соодветен одговор на миграцијата бара координирани заложби

Миграцијата не е ограничена само на една држава. Споделувањето информации, тесната соработка и заедничкиот интегрален пристап и реалното согледување на миграциските трендови, се од суштинска важност со справување на миграциските предизвици.

Ова денеска е истакнато на работилницата „Собирање, анализа и споделување на миграциски податоци“ во организација на „Прашкиот процес – Миграциска опсерваторија“. Ова е прва средба на иницијативата што се одржува во Македонија.

– Во последниве години како регион се соочуваме со сериозен предизвик најпрвин од безбедносен потоа и од социјален и економски аспект. Во текот на 2015 и 2016 година минавме еден тежок период што на проверка ги стави сите наши капацитети за справување со глобалните предизвици од ваков тип притоа соочувајќи не и со одредени слабости, кои како држави мора да ги елиминираме, изјави на отворањето на работилницата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Посочи дека иако бројот на мигранти кои се обидуваат да поминат низ земјите од регионот кон земјите во ЕУ, е далеку од бројките во 2015 и 2016 година, заканата се уште постои.

– Згора на сето тоа иако во минатото се случувале ненадејни, а масовни движења на лица предизвикани од вооружени конфликти, актуелната ситуација е поинаква. Далеку од конфликтните зони кон Европа пристигнуваат државјани не само од земјите од Блискиот и Среден Исток, туку и од Северна и Западна Африка од различни причини, со различни животни искуства и со различни потреби. И што е особено важно лица кои од аспект на нормативните не ги исполнуваат за влез, ниту во државите, ниту во земјите од ЕУ, повторно а во контекст на претходно кажаното да се навратам на темата, рече Спасовски.

Истакна дека во такви новостекнати услови од суштинско значење е постоењето систем со којшто точно, валидно ќе се има увид во сите аспекти на миграциското движење и оти без благовремена размена на податоци и информации, без постојана комуникација во насока на систематизирањее проценка ажурирање на тие информации не можеме да се смета на максимална ефикасност во справувањето со михграцијата. Особено не од размерите што ги имавме од пред две или три години, посочи Спасовски.

– Сфативме дека на една граница се заштитуваат и сите други граници, независно колку сме блиску или далеку едни од други. Безбедносните импликации не можат да се превенираат без хомоген систем од мерки и активности, без постојани средби и размена на идеи, искуства, експертиза, или без квалитетни и навремени исцрпни податоци, рече тој.

Според него, Прашкиот процес, посочи, има недвосмислен придонес не само во контекст на мигранската криза во 2015, туку и пошироко, за поинтензивна заедничка соработка и дејствување, за меѓуинституционална и меѓудржавна координираност и активности.

Чешкиот амбасадор во Македонија Мирослав Томан рече дека минатата криза покажа дека споделувањето миграциски податоци е од клучна важност, со цел да се спречат заканите во оваа област.

– Оваа работилница ги покрива сите кои соработуваат од оваа област, од ЕУ, Азија и сите наши западнобалкански пријатели. Тука сме за да оствариме практична соработка. Има многу работа што треба да се заврши. Во текот на минатите години успеавме да воспоставиме добар дијалог преку добри платформи, кои ја нагласуваат важноста на ваквите миграциски партнерства, рече Томан.

Посочи дека чешкиот пристап ги вклучил сите аспекти на соработка како борба против илегална миграција, унапредување на легалната миграција, како и интеграција и реинтеграција на мигрантите.

– Оваа работилница ја претставува втората активност во однос на Миграциската опсерваторија на Прашкиот процес, и ќе се фокусира на собирање и анализа на миграциски податоци. Сакаме да дадеме фокус на Западен Балкан бидејќи овие земји имаат најголемо искуство во областа, рече чешкиот амбасадор.

Лукаш Холуб, шеф на Одделот за политички прашања при Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека Македонија се соочи со многу предизвици во минатото во однос на миграцијата и оти заедно со ЕУ успешно одговорила на тие предизвици.

– Прашкиот процес ја обединува цела Европа во обидот да се справи со миграцијата, особено во време кога миграцијата останува сериозен меѓународен предизвик. Не се работи само за спречување и борба против илегалната миграција, туку се работи и за реадмисија, за доброволно враќање, за реинтеграција на имигрантите но истовремено се работи и за заштита на човековите права и тоа кај најранливата категорија на луѓе, рече Холуб.

Според него, меѓународната заштита е од основно значење за ЕУ и за целокупниот демократски свет.

Учесниците заклучија дека давањето соодветен одговор на миграцијата бара координирани заложби кои го надминуваат капацитетот на секоја индивидална земја, и токму тоа е и улогата и заложбите на Прашкиот процес.

Прашкиот процес е воспоставен во 2009 година за време на чешкото претседавање на ЕУ и во него членуваат 50 земји-членки.