Мицкоски: Договорот не е легитимен, избори само според „Пржинскиот“ модел

Пратеничката група е монолитна и останува на ставот дека Договорот не доби легитимитет на референдумот, изјави претседтелот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  .

За предвремени избори вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но мора претходно да се завршат одредени активности за да се дојде до предвремени избори.

– Имаме Изборен законик. На една од лидерските средби се договоривме дека кога ќе дојде ред за избори 100 дена претходно треба да имаме влада според Пржинскиот модел. Заев ќе се обиде да го прескокне тоа, да толкуваат уставни законски одредби за брзи избори меѓу 45 и 60 дена, но не може да избега од Пржинскиот модел за состав на владата, вели Мицкоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на почитување на договореното.

– Ако не се почитува граѓаните треба да знаат дека има обид за нова масовна кражба на гласовите, вели Мицкоски.

Тој ги повтори обвинувањата дека биле украдени 50 илјади гласови на референдумот, како што рече, насилен и девијантен начин се брутално полнети во кутиите.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе прифати предвремени парламентарни избори само доколку Јавниот обвинител поднесе оставка и биде формирана Анкетна комисија за нерегуларностите на референдумот.

Мисли дека премиерот Заев блефира за предвремени избори.

Смета дека процесот околу договорот со Грција по вчерашниот референдум е завршен.