Ципрас: Речиси тридеценискиот спор стигнува до крајот

Во обраќањето на годишниот самит „Конкордија“ во Њујорк грчкиот премиер Алексис Ципрас меѓудругото говореше за иницијативите на Балканот, споменувајќи го и прашањето за името. Грчкиот премиер рече дека спорот по речиси три децении стигнува до крај, а неговата визија е Грција, како водечка сила, да го одведе целиот регион до стабилност, соработка и просперитет.

– Презедовме важни иницијативи Балканот да го направиме стабилен, безбеден и просперитетен дел од Европа. Видовме дека постои прозорец на можности за да се надмине едно прашање што беше трн за Грција и Европа речиси три децении. Прашањето со поранешната југословенска Република Македонија стигнува до крај. Со почитување на нашата историја, со почитување на нашите народи, рече Ципрас.

Грчкиот премиер се осврна и на економската криза со која се соочуваше Грција, велејќи дека земјата сега веќе сврти страница и застана на нозе, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на бегалскиот проблем, Ципрас рече дека е европски проблем за кој е потребна заедничка европска стратегија за справување.