КОЈА Е СКОПЈАНКАТА СВЕТА МАЈКА ТЕРЕЗА?

Мајка Тереза често велеше „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Таа беше често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умираа низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живееше едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, во Калкута, а папата Јован Павле II процедурата на беатификацијата ја покренал една година по нејзината смрт.

За Мајка Тереза е запишано дека таа стана добитник на бројни признанија и награди за ис­клу­чително хумано ангажирање во згрижување на најсиромашните од сиромашните, поради што ја доби и Нобеловата награда за мир. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, во Куќата на мило­ср­дието што таа ја основа во Калкута. Крајот на жи­вотниот пат на еден од најголемите алтруисти на сто­летието ги трогна сите, најмногу оние кои ги почувствувале хуманоста и бенефи-циите од нејзините ак­тив­ности – гладните, бездомниците и болните.

Таа беше скопјанка која поголемиот дел од животот го помина во Индија, во земјата која е втора по бројот на жители во светот и седма по географска големина чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја.

Четири од главните религии во светот: хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и сикизмот, потекнуваат од тука, додека зороастризмот, јудаизмот, христијанството и исламот, пристигнале на тие простори во првиот милениум пред нашата ера и го оформиле регионот на разновидни култури. Постепено, припиена од страна на Британската-источноиндиска компанија од почетокот на XVIII век била колонизирана од Велика Британија во средината на XIX век. Индија е независна држава од 1947 година, по борбата за независност која била како отпор предводен од Махатма Ганди.

При посетата на Калкута од страна на делегацијата на Република Македонија присуствуваа: министерот Владо Наумовски, градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, авторот на овие редови, Славе Катин, како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници и Јасминка Миронски, уредник во весникот „Нова Македонија”.

Повод за нашата посета на Индија и престојот во Калкута беше смртта на најхуманата личност на минатиот век – скопјанката Мајка Тереза, или како што е неј­зиното родено име Агнеса Гонџа Бојаџиу. По стапнувањето на почвата на Калкута веднаш стекнавме чувство на блискост со Мајка Тереза, со која во една прилика се сретнавме во Скопје. Тогаш се запознавме со мисионерката која од Скопје со себе ја понесе идејата дека љубовта треба секому да му се дарува а тагата со секого да се споделува.

Животната сторија на Мајка Тереза започнува во таканаречениот „Латински кварт” на скопскиот десен брег на реката Вардар, кога Македонија беше дел од Отоманската Империја. Во Скопје ја прима католичката вера и се приклучува кон нејзиното латинско семејство. На 26 август 1910 година се раѓа Агнеса Гонџа, како најмлада од трите деца на Никола и Дрона (Тренда­фила) Бојаџиу. Куќата во која растела Гонџа се нао­ѓа­ла на влезот на денешниот Градски трговски цен­тар, на поранешната „Поп Кочина” улица. Под нераз­јас­нети окол­ности татко и’ Никола починал и бил погре­бан на Ка­­толичките гробишта во Скопје, кога Агнеса Гонџа има­ла само седум години.

Тоа било и пресвр­тница во животните насоки на семејството Бојаџиу. Така, нејзината мајка и нејзината сестра Агу заминале како мисионерки на Католичката црква во Албанија, каде што умреле без пов­торно да ја видат својата сакана ќерка Гонџа и тоа, пред сè, поради непопустливоста на тогашните албански влас­ти, кои не им потклекнале дури и на големите притисоци од светски личности и не и’ дозволиле на Мај­ка Тереза влез во Албанија и посета на своите нај­блиски – мајката и сестрата. Нејзиниот брат Лазар заминал за Италија каде што се оженил со девојка од грофовско семејство со која има ќерка која го но­си името на својата славна тетка Гонџа.

За Мајка Тереза како млада скопјанка и за нејзиниот живот во Скопје во времето пред почетокот на Првата светска војна многу малку е напишано, а податоците се често непрецизни и нецелосни. Повеќегодишните истражувања за животот на Мајка Тереза, односно Гонџа Бојаџиу, првин во Скопје, а потоа во Калкута, даваат една посеопфатна слика за детството и младоста поминати во Скопје и за нејзината необична и несебична животна определба втемелена во Индија и проширена во светот.

По смртта, како и во текот на животот на Мај­ка Тереза, во бројни текстови за нејзиното хумано дело се појавија огромни намерни или ненамерни про­пусти или погрешни факти. Меѓутоа, вистината е дека таа е родена во Скопје, дека беше латинка со католичка вероисповед, кај кои нема поделба на на­ционалност, туку само вероисповед.

Мајчин јазик и’ беше скопскиот (македонскиот) и хрватско-српскиот и не зборуваше друг јазик сè додека не отиде преку Загреб во Ирска каде учеше англиски јазик и од каде замина за Калкута, тогашниот најголем град на Британската Империја по Лондон. Мајка Тереза пристигнала во Калкута на 6 ја­нуари 1929 година и таму остана до крајот на својот жи­вот. Двапати го посетила своето родно место Скоп­је, во Република Македонија.

jovan-pavle-vtori-i-majka-tereza
Папата 
Јован Павле II и Мајка Тереза

На 24 мај 1931 година, Гонџа Бојаџиу ја до­несува својата судбоносна одлука – го менува своето име и го зема монашкото име во чест на света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од XVI век и станува Мај­­ка Тереза. Таа се соочува со страдањата на лу­ѓето низ улиците на Калкута, каде предано работи на нејзиното мисионерство подолг временски период. Затоа, во 1948 година, папата Пие XII и’ да­ва дозвола да живее како независна калуѓерка, а истовремено таа станува жител на Индија. Во тој период го основа редот „Мисионерство на мило­ср­дие­то”, чии карактеристики се: едноставно бели сари со сини ленти и со по еден крст закачен на левото рамо.

Така од срце со неверојат­на волја и енергија започнува нејзиното несебично и пожртвувано ангажирање да се помогне на сиро­масите, бол­ните, сираците, старците и инвали­дите. Целиот свој живот им го подарува токму на нив. На та­ков на­чин Мајка Тереза станува позната и приз­ната гра­ѓан­ка во Индија и во светот, а еден од неј­зините редови „Сестри на милосрдието на Мајка Те­реза” постои и во Република Македонија.

Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас”, всушност, започна погребната церемонија. Име­но, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако пре­полн со илјадници лица и високи државни функ­ционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на ис­клу­чителниот респект кон животот и делото на го­ле­ми­­от хуманист кој целиот свој живот го посвети на си­­­ромашните, на кои им подари добрина и љубов.

pogrebot-na-majka-tereza
Од погребот на Мајка Тереса

Свечената церемонија се одликуваше со од­лич­на организација на индиските власти, кои на Мај­ка Тереза и’ приредија државен погреб, со ис­клу­чи­тел­на љубов. Белите букети цве­ќе, аранжирани ненаметливо, едноставно, а сепак до­­минантно, каков што беше и животот на леген­дар­­ната мисионерка. Меѓу многуте светски деле­га­­ции се наоѓаа премиерот и претседателот на Индија, пр­вата дама на САД, Хилари Клинтон, кралицата Нор од Јордан, првата дама на Франција, леди Бернадет Ширак, сопругата на премиерот на Канада, Алин Кретјен, Соња Ганди, прет­се­да­те­лот на Албанија, претседателот на Гана, повеќе ми­нистерски делегации, поранешната кралица на Бел­­гија и многу други видни личности.

Свечената церемонија на која присуствувавме за­врши по 3,5 часа кога македонската делегација во името на целиот македонски народ и на државата – Република Македонија положи венец во знак на по­­чит од македонските граѓани, а особено на скоп­јани, чија сограѓанка беше Мајка Тереза. Последен поз­­драв на благодарност од сите присутни и од сите оние кои ја сакаа и и оддадоа признание, упати неј­зината наследничка сестра Нирмала. Таа, меѓу дру­гото, нагласи дека животот на Мајка Тереза прет­ста­вувал „жртва, молитва и љубов за сите, особено за најсиромашните од сиромашните”.

На крајот свечената церемонија заврши со мо­лит­вени песни кои ги пееја хорот на мисионерките од нејзиниот ред, а потоа телото на Мајка Тереза беше однесено до нејзината Куќа на милосрдието во центарот на Калкута. Тереза почина на 5 септември 1997 година, во Калкута, а папата Јован Павле II процедурата на беатификацијата ја покренал една година по нејзината смрт, а не како што било вообичаено во минатото, по пет години.

По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 година ја извршил папата, таа ја добила титулата блажена Мајка Тереза, која ја носела сè до нејзиното прогласување за светица кага црквата официјално утврди дека има изведено и второ чудо. Затоа и на 17 декември 2015 година Ватикан потврди дека  папата Франциск го признал второто нејзино чудо со лечењето на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.

Папата Франциск ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар” во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија, но, за жал е претставена  како Албанка од Албанија.

proglasuvanje-na-majka-tereza-za-svetica
Од прогласувањето на Мајака Тереза за светица

Меѓутоа, како што пишува нејзиниот биограф Стојан Тренчевски вистината е поинаква. Имено, за време на својот живот, Мајка Тереза во својот роден град Скопје престојувала четири пати и тоа во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година. Една година по добивањето на Нобеловата награда, во 1980 година, по доаѓањето во својот роден град е прогласена за почесен граѓанин на град Скопје. За врема на нејзиниот престој во родниот град, со посебно доживување и длабока интимна болка, го посетува гробот на својот татко Никола Бојаџиу, кој почива на христијанските гробиштата Бутел крај Скопје.

Според сведоците кои ја придружувале Мајка Тереза по поклонувањето и молитвата пред гробот на својот татко, многу емотивно ќе ги искаже зборовите: „Знам татко, многу ме сакаше. Те сакав и јас тебе, иако бев дете. Му благодарам на Господ што ме донесе овде да Ти се помолам и поклонам, да видам каде почиваш во Божјиот мир. Многу посакував да го посетам и гробот на мајка ми и на сестра ми, но не добив виза од Албанија.”

Токму така. Мајка Тереза не ја доби толку посакувана виза од Албанија за да може да ги посети гробовите на својата мајка и сестра, кои почиваат во Тирана. Албанија декретивно и забрани посета и молитва на гробовите на нејзините најблиски. Антицивилизациски гест и отсуство на секаква човечност од страна на Албанија, на чија постапка не се спротивстави ниту еден албански интелектуалец или политички деец, како во Албанија така во Македонија и Косово.

majka-tereza-2

Токму истите албански интелектуалци и политички дејци, кои не многу одамна беа соучесници или молчеа при овој настан, денес наместо да се извинат и побараат прочка, тие ја фалсификуваат историјата, во полза на својата големоалбанска и шовинистичка политика.

Денес многу чудно изгледа барањето од страна на Република Албанија и Косово, да имаат ексклузивно право на името на Мајка Тереза. Но уште почудно и лицемерно изгледа, тие кои и забранија да ги посети гробовите на своите најблиски во Тирана и ја отфрлија како своја, денес да ја прикажуваат како “чиста Албанка” и официјално да побара од Индија да им ги даде моштите на Блажената Мајка Тереза од Калкута. Ако тогаш Албанија немала поштување кон Мајка Тереза, како добитник на Нобеловата награда за мир и должен пиетет кон мртвите, зарем ќе имаат и денес

Загрижува фактот што ваквите неосновани барања не наидуваат на поактивен отпор, не само кај светската туку и кај домашната јавност. Сето тоа овозможува, за разлика од балканските народи, во повеќе верзии на светските јазици да се пишува за чистото албанско потекло на Мајка Тереза, притоа не обрнувајќи внимание на она што таа го има изјавено.

Исто така, според Тренчевски, додека беше жива Мајка Тереза на прашањето што е по националност, таа сама се идентифицира одговарајќи: „Јас му припаѓам на Господ Бог, на Исус Христос. Имам љубов за сите луѓе во светот. Меѓутоа, јас сум родена во Скопје. Јас сум Скопјанче!… а дома зборувавме, како сите скопјани – по скопски!” 

Од овој одговор јасно може да се заклучи дека јазикот на кој зборувала Мајка Тереза со нејзините домашни не бил ниту албански, ниту српски (јазик на кој учела), туку чисто „по скопски”, што значи, македонски!  Колку се допирните точки со Албанија, нека послужи и овој пример. Во Осло, во декември 1979 година, Мајка Тереза пристигна со индиски пасош, а беше примена и придружувана од југословенскиот амбасадор, но не од албански. Веќе наредната година, како нобеловка дојде во својот роден град, дојде во Скопје.

domot-na-majka-tereza-vo-skopje
Домот на Мајка Тереза во Скопје

Прогласувањето на Мајка Тереза за светица, Република Македонија го одбележа со низа настани и манифестации, а во Скопје, родниот град на светската хуманистка беше приредена татковинска прослава, насловена како „Месец на света Мајка Тереза”.

Исто така, на 4 септември 2016 година, кога папата Франциск во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица, во капелата на нејзината Спомен-куќа во Скопје се одржа свечена света евхаристија. Во чест на канонизацијата на Мајка Тереза во септември беа одржани повеќе миси (богослужби) во Католичката црква „Пресвето срце Исусово” во Скопје, изложби, концерти, прикажување на филмови за живот и делото на светски познатата мисионерка. Во МАНУ, пак, беше одржана Свечена академија.

Значајно за Мајка Тереза е тоа што таа често велела „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Затоа, оние што имале можност да се сретнат и да зборуваат со Мајка Тереза, ќе се сетат на неа како на крајно едноставна, но топла личност која пленувала и која не се заборава, туку трајно останува во сеќавањата. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна.

Таа била често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умирале низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живеела едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот. Мајка Тереза за многумина претставуваше светица во согласност со старите канонски правила; побожна, нежна, совесна, кревка, едноставна. Многумина ја осознаа додека беше жива, или за многумина стана светица дента кога таа почина.

katin
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН