Пенс: Силна поддршка за историскиот Договор со Грција и за референдумот

САД даваат силна поддршка на историскиот Договор од Преспа што ќе и го отвори патот на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, ќе ја зацврсти безбедноста на целиот регион и ќе овзоможи економски просперитет. Затоа е многу важно во овој критичен момент за иднината на државата, граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот на 30 септември, порача американскиот потрпетседател Мајк Пенс на синоќешната средба во Белата куќа со македонскиот премиер Зоран Заев.

– Потпретседателот Мајк Пенс му ги честита на премиерот Зоран Заев историскиот Преспански договор со Грција за решавање на долготрајното прашање за името меѓу двете земји и му се заблагодари за неговото водство во обезбедувањето на договорот. Потпретседателот изрази силна поддршка за Преспанскиот договор, кој, откако ќе се спроведе, ќе доведе до поголема безбедност и просперитет за целиот регион. Потпретседателот и премиерот разговараа за следните чекори во спроведувањето на договорот, вклучувајќи го и претстојниот референдум за 30 септември и важноста сите граѓани да гласаат во овој критичен момент за иднината на земјата. Потпретседателот изрази силна поддршка за членство на земјата во НАТО и во ЕУ, пишува во соопштението од кабинетот на Пенс.

Потпретседателот на САД веднаш по состанокот со Заев на „твитер“ повтори дека Вашингтон дава силна поддршка на, како што нагласува, историскиот Договор со Грција.

– Спроведувањето на овој Договор ќе обезбеди поголема сигурност во регионот, наведува Пенс.

Премиерот Заев, пак, на својата фејсбук страница, напиша дека Пенс ги поздравил  одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот.

– Можноста да разговараме со потпретседателот на САД Мајк Пенс  доаѓа во клучен историски момент за Република Македонија. Од потпретседателот Пенс добивме пораки на охрабрување за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот од Преспа. На средбата беше истакнато дека со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури. Со тоа го осигуруваме мирот, стабилноста и просперитетот за нашите граѓани, напиша Заев.

Прес-службата на Владата на РМ соопшти дека Пенс на средбата со Заев пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот Договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Во текот на разговорот, премиерот Заев рече дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО и дека граѓаните препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел ќе се преточи во протокол за пристапување и процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година.

Според него, столчето во НАТО кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност  уште на почетокот на идната година го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.

– Охрабрени и инспирирани од средбата со потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство, рече премиерот на средбата.

Станало збор и за можноста заеднички да биде прославен приемот на Македонија во НАТО наредната година.

Средбата во Вашингтон се реализира на покана на потпретседателот Пенс, а следува по посетите на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и на помошникот државен секретар Вес Мичел на Македонија и искажаната поддршка за претстојниот референдум и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ.  

Во почетокот на овој месец и  американскиот претседател Доналд Трамп, во писмо до македонскиот претседател Ѓорге Иванов, изрази поддршка за договорот со Грција, оценувајќи го како историски и можност за отворање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.