Браќа и сестри,
Дозволете да ја искористам приликата и од името на Македонската Алијанса и Дијаспората да ви го честитам меѓународниот ден на мирот. Ова е одличен повод да се потсетиме на вистинските општествени вредности и универзални декларации за унапредување на мирот како светска цивилизациска придобивка. За жал, и во 21 век во одредени делови на светот наместо разумот говори оружјето, а терористичките напади во кои животите ги губат невини луѓе, жени и деца, стануваат секојдневие. Мирот е се уште недостижен за многу народи и нации.
Во овој крајно чувствителен период за Татковината, и нашата мајка Македонија и целиот Македонски народ е цел на специјална војна. Благодарам на Бога што не се користи вистинско оружје, куршуми, гранати, но на наша жал, спротивно на сите демократски средства, се користат сите подмолни методи и тактики за да не принудат да се станеме безимени и народ без историски корени. Едноставно, еден грст предавници, уценети со кривични пријави, алчни за гола власт и фотељи, се обидуваа да ни го одземат националниот мир. И ги слушам безумниците и изродите како се фалат што европските и светски лидери доаѓале во Македонија, го поддржувале референдумот и велепредавството на Заев, Димитров и Шекеринска. Да, еве и јас се приклучувам кон сите оние кои изразуват благодарност до сите Државници кои покажуваат интерес за Македонија, што сите до еден изјавија дека не сакаат да се мешаат во внатрешните прашања и дека Македонскиот народ треба сам да одлучи! Ние не смееме да забораваме или да се лажеме дека тие може да имаат ист однос кон светото Македонско име и идентитет како ние самите! За нив е стратешки интерес да се прокнижи ова прашање како затворено, без разлика што Македонскиот народ треба да ја плати највисоката цена. Зарем ние можеме да имаме исти чувства за проблемите на Британците кои на референдум изгласаа „Брегзит“? Не, и не може, тие си имаат свои проблеми, ние си имаме наши! Така е тоа во европската и светската политика, така и ќе остане! Агендата на нашите меѓународни сојузници е побрзо да се затвораат сите спорови, билатерални прашања на Балканот. Тоа е нивен рационален став и позиција! Но, наша највисока патриотска должност е да го зачуваме она за што претходните генерации Македонци се бореле и платиле со своите животи! Македонскиот народ одамна е определен да стане дел од Европската Унија и НАТО Алијансата и од тој стратешки колосек нема никогаш да застраниме, ама не сме подготвени за тоа да ја платиме највисоката можне цена, да се обезличиме!
Македонскиот народ низ историјата поминал многу премрежја. Сме биле и под Турско, и Бугарско и Српско, ама никогаш не го предадовме нашиот национален идентитет. Честопати сме биле понижувани, се откажавме од Државното знаме со сонцето од „Кутлеш“, менувавме Устав, прифативме да не викаат ПЈРМ, склучивме Времена Спогодба, но и тоа очигледно не беше доволно да ги оствариме нашите евроатлански аспирации. Меѓународниот Суд на правдата во Хаг ги потврди нашите правни аргументи и ја осуди Грција за противправното вето на НАТО Самитот во Букурешт. Сега предавниците сакаат да ни ги земат и Македонската душа и мир!
Затоа, ве повикувам уште еднаш да не дозволиме да не понижат уште еднаш. Референдумот да се игнорира. Нека не ве лажат повторно како во 1995, 2001, 2004 дека Македонија ќе се распадне ако не си го смениме името. Ќе има избори по нови правила и нова Влада која ќе преговара со ЕУ на рамноправна основа и ќе знае како да ги зачува Македонските национални интереси!
БОГ ДА НИ ЧУВА МИРОТ!
БОГ ДА НИ ЈА ЧУВА МАКЕДОНИЈА!
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА