Поенти референдум: Светот ја поддржува Македонија, но одлуката ја носат граѓаните

ЕУ и НАТО велат вратите се отворени, добредојдени сте, но нивното тука завршува. На ред сме ние – на 30 септември треба заедно да влеземе низ отворените порти кон НАТО и ЕУ. Одлуката е исклучително наша и само ние можеме да ја донесеме, порачуваат од Коалицијата „Излези за европска Македонија“.

Тие истакнуваат дека НАТО е најсилниот безбедносен сојуз во светот и семејство чии членови се штитат едни со други и оти за сигурна иднина на децата и младите треба да му се придружиме на ова семејство. За нив, ЕУ е семејство на народи каде што земјите си помагаат едни со други за да изградат заедничка безбедност, да споделат можности и да создадат економски придобивки за секоја земја членка.

– Одлуката на 30 септември ја носиме сите ние – дали отворената врата ќе ја искористиме и ќе трчаме по патот на кој доцневме толку години или ќе продолжиме да чекаме и да тонеме во калта од која сите бегавме овие изминати десет години, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред жителите на скопската општина Аеродром.

И странските дипломати со пораки дека гласањето на реферднумот во овој момент е најголем императив и граѓаните треба да учествуваат во носењето на оваа историска одлука за да испишат нова, понадежна иднина за себе и за идните генерации.

– Не можам да ви кажам дали референдумот е вистински чекор или не. Имате само неколку моменти да одлучите за најголемата можност што ви се нуди. Не ме разочарувајте. Ако ја испуштите оваа шанса ќе чекате десетици години. Нема да ви кажам што да правите, но барам да не ја испуштате оваа можност. Размислете што ќе се случи ако во Грција има избори и победи Нова демократија, порача вчера во Скопје германскиот европратеник,  Кнут Флекенштајн.

И поранешниот американски претседател Џорџ Буш во писмо упатено до македонскиот народ ги повика граѓаните да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. – После една деценија на пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја, вели Буш во писмото, нагласувајќи дека со нетрпение го очекува денот кога САД гордо ќе и посакаат добредојде на Република Северна Македонија како најнов сојузник и 30-та членка на НАТО.

Одлуката е во ваши раце, сега или никогаш, порача и поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Роберстсон, кој вечра беше во Битола.

– Важно е секој да гласа, да ги убедите сите. Вашите соседи да излезат и да гласаат на 30 септември. Кога бев генерален секретар на НАТО, јас бев принуден вашата држава да ја нарекувам ФИРОМ, но тоа беше погрешно. Тоа засекогаш може да се промени на 30 септември. Договорот со Грција го гарантира идентитетот, културата, јазикот и ја отвора вратата кон Европа, рече Робертсон.

Европратеникот Ханс Ван Бален, претседател на АЛДЕ (Алијанса на Либерали и демократи во Европа) посочува дека претстојниот референдум е од витално значење за Македонија. – Се надевам дека ќе биде исполнет цензусот, дека доволен број луѓе ќе излезат да гласаат и се надевам оти исходот ќе биде позитивен и огромен број граѓани ќе кажат „да“, вели тој во изјава за МИА.

Поддржувачите на референдумското „ЗА“ порачуваат дека ова е шанса која се појавува еднаш и која треба да се искористи за доброто на државата.

Влезот во ЕУ и НАТО, како што велат тие, е вреден и доколку тоа не се направи во блиска иднина нема повторно да ја добиеме оваа шанса. Тие веруваат во позитивниот исход на реферднумот и оти граѓаните ќе се одважат што помасовно да излезат и да го искористат своето демократско право на 30 септември.

За македонскиот координатор за НАТО, Стево Пендровски младите треба и ќе бидат генератор на позтивните промени во државата.

– Младите во Македонија се за европска Македонија и тие веќе го формираа својот став бидејќи не сакаат Македонија да биде енклава и повлечена од глобалниот свет. Младите треба, и ќе бидат генераторот на позитивните промени во Република Македонија. Младите се најкосмополитската генерација, која кога било живеела во оваа држава, младите секогаш биле генератор на позитивни промени насекаде во светот и така ќе биде овој пат, рече Пендаровски вчера во Битола.

Членството во ЕУ, според поддржувачите на референдумот, е потребно за да им се дадеме шанса на општините да обезбедат локален развој и да ги задржиме младите да останат да ја градат својата иднина во сопствената земја.

– Поддршката од ЕУ за Македонија изнесува 90 милиони евра годишно, односно секој ден се издвојуваат по 260 илјади евра за поддршка во инфраструктурата, образованието и локалната самоуправа. Со започнување на преговорите, а потоа и со влезот во ЕУ поддршката дополнително ќе се зголемува тоа ќе значи и повеќе пари за инфраструктура, нови патишта, водоводи, канализации, училишта и градинки. Тоа се повеќе европски пари за локален развој на сите општини, а со тоа и подобар и поквалитетен живот на сите граѓани, порача министерот за дијаспора Едмонд Адеми на седбата со жителите од Шуто Оризари и Арачиново.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вчера во Кавадарци најави дека до крајот на годината ќе се акредитира и мерката од ИПАРД за рурално-јавна инфраструктура. Тоа, според него, ќе значи дополнителни 10 милиони евра за кои на почетокот на следната година ќе можат да аплицираат општините.

– Евроинтеграцискиот процес кон кој чекори Македонија е многу битен за младите да останат тука, затоа и ја даваме оваа нова дополнителна поддршка. Членството во НАТО и преговорите со ЕУ се особено значајни за секторот земјоделство на кој ќе се базира во иднина нашата економија, додаде министерот Николовски.