Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со потпретседателот на Европскиот парламент од Грција, Димитриос Пападимулис, кој учествува на 15-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија.
Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, ги констатираше одличните односи со ЕП и со одржувањето на состанокот на МПК и Конференцијата на млади лидери во Собранието во следните денови, се очекува да се испрати уште една јасна порака за европската перспектива на земјата.
Актуелното мнозинство ги вложи сите напори за надминување на пречките на патот кон целосна евроатлантска интеграција, со потпишување на Договорот со Република Бугарија и на Спогодбата со Република Грција, и исполнувањето на потребните услови согласно барањата на европските институции, е истакнато на средбата.
Зачестените посети на странски државници во периодот пред одржувањето на референдумот се добредојдени и помагаат на напорите на земјата да стане полноправна членка на НАТО и да отпочне преговори за членство со Европската унија, се додава во соопштението од Собранието.
Пападимулис, заблагодарувајќи се за приемот во Собранието, уште еднаш ја искажа силната поддршка на Европарламентот на евроинтеграциите на Македонија и на недвосмислената, речиси едногласна поддршка на ЕП и сите парламентарни групи за Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција.
Двете земји, со преземените чекори, му дадоа силен агрумент за поддршка на Европскиот парламент, како позитивен пример во регионот, способни да градат мостови и да изнајдат компромиси. Тој изрази очекување и оптимизам за позитивен исход на референдумот и на следните чекори кои претстојат за негова целосна имплементација, покрај различните мислења кои постојат во двете земји, што е одлика на секоја европска демократија, додава собраниската прес-служба.
Двајцата соговорници беа согласни дека, се изгуби драгоцено време во изминатите децении, особено по Солунскиот самит од 2003 година кога за првпат беше потврдена европската иднина на регионот и дека со имплементацијата на спогодбата, земјата влегува во нова фаза во односите со НАТО и ЕУ, но и во билатералната соработка со Република Грција, отворајќи нова страница за отпочнување на директна парламентарна соработка на сите нивоа, но и нова ера на полето на економијата, образованието, културата и сите области од заеднички интерес на двете земји и нивните граѓани.
Соговорниците изразија уверување дека по имплементацијата на спогодбата, во месеците што ќе следат, многу граѓани ќе го променат своето мислење и реално ќе ги почувствуваат придобивките од нејзиното потпишување.