АВМУ констатира неправилности во јавната пропаганда за референдумот

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во рамки на мониторингот на медиумското претставување за време на референдумот кај повеќе радиодифузери констатираше неколку прекршувања на правилата за емитување платена јавна пропаганда.

– Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите, наведува Агенцијата.

АВМУ потсетува дека согласно Упатството за медиумско претставување за време на референдум рекламните пораки „ЗА“ референдумот може да траат најмногу 4 минути и 30 секунди на секој реален час емитувана програма, а истото важи и за рекламните пораки „Против“, односно за „Бојкот“ на референдумот.

Вкупното времетраење на сите рекламни пораки поврзани со референдумот може да изнесува 9 минути на секој реален час емитувана програма.

Редовното време за емитување реклами од 12 минути не смее да се користи за емитување платена јавна пропаганда, која пак треба да биде јасно одвоена од другите реклами, додава АВМУ.

Платената јавна пропаганда не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади, додава Агенцијата.

АВМУ апелира до сите радиодифузери веднаш да го усогласат емитувањето на платената јавна пропаганда со Упатството и информира дека за сите прекршувања констатирани наредните денови ќе бидат изречени соодветни мерки.