„Златна роза“ за најдобра режија за филмот „Мејкинг Оф“

Специјална награда за најдобра режија „Златна роза“ освои македонскиот филм „Мејкинг Оф“ на режисерот Кузман Кузмановски на шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Славјанска приказна“ што се одржа во Софија.

Филмот беше прикажан на 8 септември во рамки на фестивалот којшто траеше од 7-ми до 10-ти овој месец.

– Оваа награда доаѓа по само неколку дена од премиерата на филмот. Тоа е потврда на правилото дека кога нешто се работи од срце, тоа ќе биде забележано и вреднувано. И се заблагодарувам на целата екипа која се вложи максимално професионално во овој филм, вели режисерот Кузмановски.

Станува збор за интригантна приказна за една девојка со тешка судбина и тројца млади луѓе кои се решаваат заедно да тргнат на патешествие – да снимат филм.

Кинематографер на филмот е Марко Петрушевски, а актерската екипа ја сочинуваат Александар Микиќ, Александра Павлова, Владо Дојчиновски, Ванчо Петрушевски, Хана Менсон, Дубравка Киселички, Катина Иванова, Љупчо Бојковски, Лазе Манасков, Пирунка Киселички и Мартин Минговски.

Во моментот, филмот е на репертоарот на киното „Синеплекс“ во Скопје.