Грант од Владата за проектот Википедија за млади

Национален младински совет денеска доби грант од околу 10 илјади евра за реализација на проектот Youth Wiki односно т.н. Википедија за млади која содржи девет поглавја за истражување.

Грантот го доделува Владата на Република Македонија заедно со Националната агенција за европски образовни политики и мобилност во соработка со Канцеларијата на Европската унија во Скопје.

– Верувам дека преку овој проект младите луѓе ќе имаат одлична можност да ги развиваат своите истражувачки способности, вештини и сериозно да го надоградат своето знаење, истакна премиерот Зоран Заев на доделувањето на грантот.

Нагласи дека интелектот на младите и нивната младешка енергија мора да се стават во функција на развој на државата и оти мора да се осигура перспективна иднина за младите во сопствената држава.

– Знаете дека сме исправени пред голема одговорна задача. Членството во ЕУ и НАТО на нашата земја. На 30-ти септември очекувам вашата поддршка да биде најизразена бидејќи мора да осигуруваме извесна и перспективна иднина за вас и идните генерации. Редно е да овозможиме услови за Вие да можете најпрво да ја гледате и градите својата иднина  дома во нашата Македонија, им порача Заев на младите.

Според раководителот на одделот за политички прашања во Канцеларијата на ЕУ, Лукаш Холуб, не е важно само да има младиски политики, туку мора да се слушаат и младите при креирањето на политиките.

– Пречесто се случува младите да бидат исклучени од креирањето политики. Сега е време да се промени тоа, рече Холуб.

За претседателот на Националниот младински совет Блажен Малевски, важно е да се гледа дека младите не се само млади и оти и тие треба да ги мониторираат политиките што се наменети за нив.