Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на Советот на Град Скопје

Во ова време се испишува најцрната страница во историјата на македонскиот народ и на македонската држава. Ова е време во кое се врши терор и насилие врз граѓаните и врз институциите, заплашување, закани, притисоци и уцени од големи размери, бркање од работа и повреда на елементарните човекови права.

Ова е време во кое се врши велепредавство и загрозување на темелните основи на Уставниот поредок во Македонија, време на реваншизам и политичка хајка што го врши СДСМ и Зоран Заев.

Владејачката хунта на Зоран Заев монтира монструозен случај на политички прогон на 36 лица за најтешко кривично дело ПРОТИВ ДРЖАВАТА Терористичко загрозување на Уставниот поредок.

Брутално се претресувани, приведени и притворени врвни актери, режисери, музички уметници, пратеници, поранешен министер, полицајци бранители и државни службеници.

Определен е притвор на 6 пратеници, народни избраници, почитувани и чесни граѓани, доктори и интелектуалци: Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. На овие пратеници бесрамно им е одземен имунитетот за само 5 минути, како на најголеми терористи. Толку ли вреди народниот пратеник за оваа предавничка и ненародна власт? Се изживуваа со незаконито приведување на пратеници со лисици на рацете и со снимање во судница и во затворот.

Незаконското притворање на врвни интелектуалци, актери и режисери, музичари и културни  великани, е врв на отпадништво на оваа ненародна Влада на авантуристот и велепредавник Зоран Заев, кој државата ја води во пропаст и работи за туѓи интереси. Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Митко Чавков и другите притворени лица, не се ниту терористи, ниту државни непријатели и не сториле никакво кривично дело на штета на државата. Тие не се терористи, само затоа што си ја сакаат државата.

Седумдесет дена мирно и со песни ја бранеа самостојноста и независноста на Македонија од туѓа платформа и донесување на противуставен Закон за воведување на двојазичност на целата територија и со срамниот противуставен избор на Претседател на Собранието. Држава во која се апсат актери, уметници, пратеници, родољуби и патриоти е доведена во предворјето на пеколот. Тие го дигнаа својот глас против тиранијата и неправдата.

И ние, советниците на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, го дигаме својот глас против овој терор и неправда, против тоа нечесни и невини луѓе да гнијат во притвор повеќе од 20 дена како жртви на политичка одмазда за монтирано најтешко кривично дело и ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ја напуштаме седницата на Советот на Град Скопје.

Тие се жртви на одмазда и не се виновни за ништо. Бараме сите притворени веднаш да бидат пуштени на слобода.