Нимиц: Чекање нов договор за името е многу ризична идеја

Поминаа 25 години, а може да поминат уште толку пред нов договор доколку овој не помине, вели посредикот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во интервју за БИРН  во однос на оспорувањето на постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција.

За него, идејата за долготрајно чекање и неспроведување на договорот е многу ризична.

– На оние во вашата држава што велат ‘ајде да почекаме, да оставиме уште неколку години, ќе имаме подобар договор во иднина’, jас им велам ‘Не знаете тогаш каде ќе биде ЕУ, дали ќе сакаат уште една членка, дали ќе сакаат тоа да биде вашата држава, не знаете каде ќе биде НАТО, не знаете што ќе се случи во Грција со смената на власта, не знаете што ќе се случи во регионот. Идејата за долготрајно чекање е многу ризична“, нагласува Нимиц.

Вели дека е воздржан оптимист, но оти сепак, не е сѐ готово. За договорот да биде спроведен, треба да помине референдумот, да се усвојат уставните измени и потоа грчкиот парламент да го ратификува.

– Се надевам дека ќе помине во двете држави, затоа што е фер и чесно решение за двете страни, но ако не помине, не гледам решение во скоро време. Поминаа 25 години, може да поминат уште 25. И многу луѓе ќе го загубат интересот, ако ова не помине сега во вашата држава, предупредува Нимиц во интервјуто за БИРН што го пренесува Призма.