Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска имаше работен состанок со специјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА, Христијан Хелбах и германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих.
На средбата, соговорниците дискутираа околу референдумот, спроведувањето на уставните измени, реформите и регионалните случувања.
Ахмети му се заблагодари на Хелбах за големата германска поддршка за успехот на Договорот од Преспа и евроатланската интеграција на Македонија.
Лидерот на ДУИ истакна дека штабот на Демократската Унија за Интеграција за референдумот на 30 септември е во целосна функција на успехот и дека секој ден се структуираат на терен.
Ахмети истакна дека огромното мнозинство на граѓаните од сите заедници во земјата ја подржуваат интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ и дека очекува успешен референдум.
Г. Ахмети повторно ја повика македонската и албанската опозиција да му се придружат на евроатланскиот пат и без двоумења да ги подржат напорите за реализација на неопходните чекори, референдумот и уставните измени.
Г. Ахмети ја поздрави посетата на Канцеларката Меркел и истакна дека успехот во однос на интеграцијата и демократизацијата на општеството се заеднички успех на домашните сили и меѓународната заедница.