Ова што го направивме во односите со Грција и Бугарија става крај на една ера на негирање или барем почеток на крајот. Почнуваме нова ера во која можеме да ја вложиме енергијата, не плашејќи се што ќе биде со нас, со Македонија. Нашата генерација треба да го чува ова што го имаме – независна држава и да ја направи посилна, побезбедна, пофункционална, со поголеми шанси за среќа, за иднина, а патот е преку членството во НАТО и ЕУ, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во вечерашното гостување на „Само вистина“.
– Со чиста совест и со чисто срце велам дека ова е добро за иднината на Македонија, граѓаните и македонскиот народ. За некој сум предавник, но прашувам на што? На измамата, на криминалот, на што?, истакна Димитров.
Според него, нема по патриотска должност од решение на проблем што ја компромитира државноста и иднината, што влече назад.
– Ова прашање е многу емотивно, но најнеодговорно е да се остави и да се игнорира, а последиците ќе ги сносиме ние. Толку долго чекаме за влез во ЕУ и НАТО, тоа е тег што не влече назад, потенцира шефот на дипломатијата, оценувајќи дека единствен начин за македонскиот пасош да биде привлечен, е Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и да има подобар стандард.
Оцени дека со позитивен исход на референдумот Македонија ќе добие релативно брзо членство во НАТО и ќе почне пристапни преговори со ЕУ, а притоа ќе ги сочува идентитетот и јазикот.
– Отвораме врати кон ЕУ. Трасиран ни е патот за почеток на преговори во јуни идната година и најавена е меѓувладина конференција, формалниот почеток, до крајот на 2019 година. Ги отвараме вратите кон ЕУ и НАТО, притоа чувајќи си го она што ни најсвето, а тоа е идентитетот. Ќе влеземе како Македонци и јазикот е македонски. Дури македонски јазик ќе се употребува и таму кадешто денес не се употребува, иако е во Обединетите нации прифатен одамна, рече Димитров.
Според него, бенефит е и тоа што градиме пријателство со Грција со која имавме повеќедецениско отворено прашање и доколку се инвестира во ова пријателство тогаш за пет години ќе се смират тензиите и отпорот што постојат сега.
– Покажуваме дека две балкански држави можат да мислат на својата иднина. Ние својата историја и географија не можеме да ја смениме, но она што можеме да го смениме е иднината, рече Димитров најавувајќи дека се планира кај „Маркова нога“ да се отвори нов граничен премин меѓу двете држави.
Придавката „Северна“ што ќе се користи, според Димитров, е географски факт со кој се ограничува нашата Македонија од регионот Македонија во Грција.
Во однос на антиквизацијата, министерот рече дека со неа сме изгубиле пријатели надвор од државата и оти тој процес им помогнал на негативните политички сили во Грција, а од друга страна создал и конфузија во Македонија во однос на нашето словенско потекло.
Димитров уште еднаш повтори дека е неодговорно од страна на опозицијата што се уште нема став за референдумот.
– Се разбира дека народот ќе одлучи, но нашата одговорност е да кажеме кој е нашиот став, што мислиме и зад што стоиме. Тоа е нивна одлука и нивна одговорност. Ова е прашање што ја тангира цела Македонија и сите граѓани, а не Владата или која било од партиите, рече Димитров.