Лидерите од регионот ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор на сите држави во пристапувањето кон ЕУ, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на ЕУ за оваа намена, беше нагласено на синоќешната средба на премиерите на земјите од Западен Балкан со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини во Брисел.
– Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија. На средбите беше констатирано дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива. Секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз ос нова на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области, напиша макеоднскиот премиер Зоран Заев на својот Фејсбук профил по средбата со Могерини.
На заедничката работна вечера со Могерини, премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, ја потврди посветеноста на Македонија кон остварувањето на реформите во правосудството, безбедноста и јавната администрација, како и решавање на сите отворени прашања со соседите. Заев исто така нагласи дека Република Македонија очекува свое место во Стратегијата за проширување на ЕУ која ќе биде објавена во февруари 2018 година, од која се очекува да биде инклузивна, амбициозна, предвидлива и иновативна во својот пристап.
Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија.
На средбите беше констатирано дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на Стратегијата за проширување на ЕУ како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива. Секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз основа на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области.
Лидерите на земјите од Западен Балкан ги истакнаа и придобивките од паралелните проекти кои ги забрзуваат европските интеграции на земјите од регионот во рамките на иницијативата Берлински процес, и посебно Самитот во Трст во јули оваа година. Проектите договорени на овој самит, особено во делот на економското, енергетското и инфраструктурното поврзување, се од особено значење за приближување до стандардите на земјите од Западен Балкан до оние на ЕУ.
Шансите за успешно спроведување на овие потенцијални успеси постојат, доколку се спроведуваат реформите од кои се очекуваат резултати, е заедничкиот заклучок од работната вечера на премиерите на шесте држави од Западен Балкан со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија,Федерика Могерини, во Брисел.
Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера.