„Го сакам Водно“ бара средби со одговорните за изградбата на гасоводот низ Парк шумата Водно

Граѓанската организација „Го сакам Водно“ бара дебата со директорот на МЕР, градоначалникот на Скопје и заменик министерот за животна средина и просторно планирање на која, како што велат, јавно ќе ги изнесат нивните агрументи за изградбата на гасоводот низ Парк шумата Водно.

– Бараме ревизија на проектот, постапување на институциите по доставените претставки, нивна меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и неделување, како и одговорност и казнивост за сите пропусти и прекршени законски обврски, порачуваат од „Го сакам Водно“.

Нагласуваат дека, според нив, вчера на диво продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно и оти се работи без почитување на цела листа на прописи и законски обврски. Како дел од пропустите ги истакнуваат немањето ознаки, обележан заштитен појас околу градежните работи, знак за предупредување дека работи тешка машинерија, документација на терен, адекватна униформа и заштитна облека за работниците, мобилни тоалети, ознаки на возилата, соодветен надзор, постојано присуство на противпожарно возило,…

– Се работи на изменета траса, не на проектираната траса и за степенот на измена треба да се утврди дали е во законските рамки на постоечкото одобрение за градење, кое пак самото содржи  низа нерегуларности. За сите пропусти, поднесени се претставки до Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен инспекторат за  труд, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Инспекторат на Град Скопје и до МЖСПП. Но, без резултат, велат од Го сакам Водно.

Сето тоа, како што посочуваат, е причината и одговор на прашањето зошто ја попречуваат изградбата на гасоводот со жив ѕид.

– За заканите по живот и наредбата да се гази се пред себе, очекуваме отстранување на тоа лице од понатамошна работа на овој проект, покренување на дисциплинска постапка и транспарентно објавување на целиот процес, да не остане само на декларативно искажани зборови, без  преземени акции, потенцираат од Го сакам Водно.