Учесниците на Школата за млади лидери посетија три компании во Прилеп

Учесниците на деветтата Школа за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов се одржува од 20 до 31 август во Струга, посетија три македонски компании во Прилел.

Станува збор за компаниите „Комфи Ангел“, „Микросам“ и „Витаминка“. Пред учесниците на Школата за млади лидери, како што информира Кабинетот на претседателот Иванов, одблиску беше претставена тековната работа на овие три македонски компании, технолошките и производствените практики, историјатот на компаниите, како и плановите за нивно идно делување.

– Самиот факт што нашата компанија Комфи Ангел е девет години со самиот проект и од самите почетоци ја поддржува оваа иницијатива на претседателот Иванов, покажува дека идејата е несебично поддржана од страна на нашата компанија и дефинитивно, производот којшто произлегува од овој проект е оној за кој сите се бориме-квалитетен човек, квалитетен лидер во нашето општество, изјави Ирена Јакимовска, сопственик на „Комфи Ангел“, компанија што се занимава со произвоство на постелнина, перници, прекривачи и јоргани.

Фанија Самак од компанијата за роботика и композитни материјали „Микросам“ истакна дека ја поддржуваат иницијативата на претседателот Иванов и таа треба да продолжи за нашите млади луѓе да се здобијат со дополнителни вештини.

Според Орде Ѓорѓиоски, директор на Секторот за правни и општи работи во компанијата за прехранбени производи „Витаминка“, кој  беше учесник на првата Школа за млади лидери во 2010 година, вмрежувањето е меѓу клучните придобивки од самата школа.

– Самиот факт дека соработуваш, комуницираш со млади луѓе кои се сите лидери на некој начин во нивните области во кои работат, делува поттикнувачки за секој еден млад човек или професионалец и понатаму да вложува во сопствената кариера, во образованието,  изјави Ѓорѓиоски.

Програмата на годинашната Школа за млади лидери е фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

На школата учествуваат триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ги пренесуваат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата. Предавања на школата одржаа и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.