Собранието формира Координативно тело за спроведување на Референдумот

На денешната редовна координација во Собранието на Република Македонија, на која присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, донесен е заклучок за формирање на Координативно тело за спроведување на Референдумот на државно ниво и водење на јавна пропаганда.

Согласно член 73 од Уставот на Република Македонија, Собранието на седницата одржана на 30 јули 2018 година, донесе Одлука за распишување на Референдум и со тоа е овластен предлагач и носител на јавната пропаганда. Со Координативното тело ќе раководи претседателот Џафери, а ќе членуваат потпретседателите и координаторите.

Собранието, ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на Референдумот, пропорционално, според изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред јавноста своите ставови и аргументи.

Координативното тело заклучи, Собранието денеска, со допис да се обрати до Владата на РМ за обезбедување финансиски средства за спроведување на јавната кампања. Собранието за оваа намена ќе отвори посебна сметка.

И на денешната редовна координација, како и досега, не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Талат Џафери, денеска ќе контактира со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување можен договор за водењето на јавна пропаганда.