Со претставата „Илијада“ завршува 58. Охридско лето

Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечкиот народен театар – СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечер ќе биде спуштена завесата на 58. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата, којашто ќе се игра на Антички театар од 21 часот, ќе почне како концертна верзија на една опера. Актерите во формална облека ќе седат на столови, раскажувајќи ја крвавата историја на микрофони. Целата изведба е изградена од музика и поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во целосно театарско доживување со универзална нишка препознатливо за целата публика.

Улогата на Ахил ќе ја игра Јуре Хенигман, Тетис ќе биде Нина Иванишин, Парис ќе го игра Аљаж Јовановиќ, Хефаистос ќе биде Грегор Луштек, Хектор го толкува Марко Мандиќ, во улога на Брисеј ќе го видиме Звездана Новаковиќ, Хера е Џет Остан Вејруп, Елена ќе биде Миа Скрбинац, Зевс ќе го игра Матеј Пуц, Патрокле е Блаж Сетеникар, Пријам ќе биде Јанез Шкоф и Агамемнон го игра Примож Пирнат.

Директорот на Словенечкиот народен театар Игор Самобор, режисерот Јернеј Лоренци и дел од актерската екипа на прес-конференција во Охрид изразија задоволство што првпат ќе играат под отворено небо, во автентична атмосфера од Хомеровата „Илијада“ што им ја овозможува амбиентот на охридскиот Антички театар.

– Среќни сме што првпат претставата ќе ја играме во оригинална атмосфера, на отворено. Секогаш играме во големи сали. Иако е многу интимна претстава, првпат ќе биде во вистински антички театар, но и јужно – до грчката граница, така што сега сме најблиску до оригиналот, рече Самобор.

Според режисерот Лоренци, текстот на „Илијада“, кој можеби е најголем во Европа и во светот, во суштина ги открива човечките заблуди и суетата.

– Откако човекот постои, мисли само на себе. Тоа е и клучот дека секој потојано повторува јас, јас, јас… Текстот ја открива најголемата мана на човечкото постоење – суетата. Друга работа е што глумците спротивно од суетата заеднички ја изведуваат претставата, истакна Лоренци на прес-конференцијата во Охрид.

Лоренци е театарски режисер и предавач на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана. Како режисер добитник е на бројни награди меѓу кои „Гран при“ за најдобра претстава и режија на фестивалот „Борштникови средби“, „Шелиго“ за најдобра претстава на фестивалот „Недела на словенечката драма“, „Политика“ за најдобра режија на БИТЕФ 2013, награда за најдобра режија на меѓународниот театарски фестивал „Златен лав“, „Премио Европа 2017“.

„Илијада“ е исконски темел и извор на Европа. Таа е првиот еп во Европа прароман, праопера, праспектакл, темелно училишно четиво и недостапен литературен врв.