Важноста на Охридскиот рамковен договор како инструмент и пример за решавање на конфликти во регионот и пошироко, уверување оти со него се поставени темелите за изградба и целосно функционирање на едно демократско мултиентичко општество, како и верување дека на претстојниот референдум на 30 септември граѓаните ќе го изберат европскиот пат на земјата, изразија денеска учесниците на панелот „Патот до Брисел преку Охрид“ кој се одржа во рамки на одбележувањето на 17 години од потпишувањето на Рамковниот договор во организација на Секретаријатот за европски прашања.
На панелот присуствуваа претставници на Владата, на Собранието, на дипломатскиот кор, градоначалници.
Премиерот Зоран Заев кој беше еден од панелистите, изрази почит кон политичарите кои пред 17 години собрале сили и по долгите исцрпувачки преговори успеале да постигнат договор и да стават крај на конфликтот во 2001 година.
Охридскиот рамковен договор, според него, е гарант дека насилството нема да биде механизам за постигнување на политички или какви било други цели и претставува основа за изградба на соживотот меѓу различните етнички заедници кои живеат во земјава.
– Денеска ја градиме Македонија како едно општество и едно семејство за сите, рече Заев и додаде дека за само една година по доаѓањето на власт на новата Влада, земјата од изолирана држава стана отворена кон соседите, но и пошироко во напорите за нејзино интегрирање во ЕУ и НАТО.
Тој го спомена Договорот за добрососедство кој пред една година беше потпишан со Бугарија, но и историскиот договор за решавање на спорот со Грција со кој повтори дека е загарантиран македонскиот идентитет, што е прифатен и признат од сите.
– Како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и нашите политичари ја извлекоа Македонија од криза, нас сега ни се дава можност да бидеме храбри, да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца. Знам дека на 30 септември обединети ќе зачекориме со крената глава кон светлата иднина на Македонија. Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме европска Македонија, порача Заев.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети во обраќањето на дебатата истакна дека во минатото дури и најголемите оптимисти не размислувале дека по 17 години Македонија ќе биде пример за решавање на конфликти и за тоа како конфликтните ситуации се трансформираат во дијалог.
Напомена оти НАТО одиграл голема улога во спречувањето на натамошното проширување на конфликтот во Македонија и додаде дека и тогаш имало струи и земји кои не сакале Македонија да биде стабилна и да оди напред, но додаде дека прогресивните сили издвојувале победа.
Ахмети нагласи дека граѓаните треба да бидат свесни дека успешниот референдум е всушност нивни успех. Истакна оти решавањето на спорот со Грција и претстојниот референдум е точка која треба да не обединува во настојувањето на земјата да стане членка во ЕУ и НАТО.
– Ќе се ангажираме со сите чинители со цел да го мобилизираме и информираме секој граѓанин да биде свесен дека на претстојниот референдум всушност ќе се гради иднината, рече Ахмети и додаде дека со таа победа всушност победуваат мирот и стабилноста.
Лидерот на ДУИ апелираше до сите да пружат помош за успешноста на овој процес, и, како што наведе, за изодување на последните чекори од овој маратон.
Дафина Јовановска Стојановска пратеничка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Охридскиот рамковен договор е важен во насока на спречување на крвопролевањата во минатото. Изрази надеж дека со него навек се отстранети националистичкиот и шовинистичкиот занес на политичките елити.
Во своето обраќање истакна дека за граѓаните е мошне важен економскиот аспект односно колку тие навистина подобро живеат, додавајќи дека сиромаштијата, криминалот и корупцијата се уште се присутни во земјава.
– Македонија е нашиот завет и нашата судбина, нејзиното минато е мошне важно и ова што се случува денес еден ден ќе биде минато, рече Јовановска Стојановска.
Изрази верба дека граѓаните на Република Македонија ќе го имаат последниот збор во одредувањето на иднината на земјата.