Почитувани,
По повод 115тиот јубилеј од Илинденското Востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ, два клучни датуми во Македонската историја, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, упатува честитка до граѓаните на Република Македонија и Македонците ширум Светот:
Браќа и сестри Македонци,
Иако веќе предолго одлучувачките играчи не успеваат да се справат со предизвиците со коишто се соочува нашата Татковина, сепак не смееме да заборавиме на најголемиот државен празник, Денот на Републиката, Илинден, како и вториот Илинден, Првото заседание на АСНОМ, дефинирачки моменти за нашата Татковина, и достоинствено и гордо да ги одбележиме и да ги прославиме. Не смееме да заборавиме на храброста и решителноста на нашите предци Македонци! Македонци кои безкомпромисно се бореле за својата родна грутка и обезбедиле слобода за своите поколенија, обезбедиле слобода за нас! Заради пожртвуваноста на нашите предци со оваа слобода не смееме да си поигруваме!
Горд и со огромна почит кон предците херои ви го честитам 2-ри Август Илинден, од свое име, од името на Македонска Алијанса и од името на целата Македонска Дијаспора! Нека овој ден биде светол потсетник и пример како се сака Татковината и како за неа треба да се залагаме, да ја чуваме и негуваме и никако да не правиме компромиси! Нека овој ден биде потсетник и на безбројните премрежја со коишто Република Македонија се има соочено, разни окупатори, сили коишто се обидувале да го угнетуваат и асимилираат Македонскиот народ, се обидувале да го избришат Македонскиот идентитет, но не успеале! Од сето ова Македонија излегла како победник и со крената глава!
Историјата е најдобрата учителка, па затоа повикувам да се огледаме на нашите предци и со истиот став и решителност да застанеме во одбрана на најсветото – Македонското Име, Народ и Идентитет! Заеднички и обединето да се избориме за силна, просперитетна, стабилна и економски успешна Македонија, а притоа да го зачуваме огромното културно и национално богатство, богатсво какво што нема ниедна друга земја на светот!
Македонски народе,
Не смееме да дозволиме друг да не моделира и да ни кажува кои сме, а особено не една Атина која со години не прави ништо за подобрување на меѓусоседските односи, освен ширење иредентизам и негирање на се’ Македонско.
Силно ги поддржувам Евроатлантските интеграции, но само врз основа на меѓународното право и правда и само под исконското, едно и единствено име на нашата Татковина – Република Македонија!
Како што Македонците беа обединети за време на Илинденското востание, денес нашата патриотска должност повторно не повикува да бидеме сложни и решителни за одбрана на нашата Македонска историја и нашата сигурна иднина во која нема да влеземе обезличени, откажани од нашиот Македонски идентитет и променето свето име Македонија!
Со посветеност и напорна работа се’ е можно!
Нека ни е честит 2-ри Август! Нека ни е вечна Татковината!
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА