ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ се обидуваат да ги манипулираат граѓаните со нејасно и двосмислено прашање

Македонија не може да се врати на евроатланскиот пат, и да се надева на членство во ЕУ и НАТО, со правосудство кое работи според директиви на Зоран Заев и СДСМ. Македонија не може да стане дел од ЕУ и НАТО со коруптивни тендери и грантови, тешки неверојатни 45 милиони евра, кои служат за исплата на партиските послушници, медиуми, владини и партиски функционери на СДСМ. Суд и обвинителство кои наместо да се борат со криминалот, амнестираат функционери на СДСМ за сторен криминал не се во согласност со европските вредности.

Заев повторно ги излажа граѓаните. Ветуваше референдум кој ќе биде задолжителен, а сега предложи и изгласа консултативен референдум. Заев и СДСМ се обидуваат да ги манипулираат граѓаните со нејасно и двосмислено прашање кое е спротивно на членот 15 од Законот за референдум. На тој начин само креираат дополнителна конфузија меѓу граѓаните. Доколку договорот со Грција беше добар и поволен за Македонија и не го бришеше нашето име, историја, традиција и култура, Заев со целокупната медиумска и невладина поддршка што ја има, ќе прифатеше да оди со само едно прашање, кое ќе беше јасно и недвосмислено, а ќе се однесуваше само на договорот од Нивици.

Заев и СДСМ не се залагаат за европска иднина на Македонија. Доколку тие се залагаа за европска Македонија ќе водеа борба против корупцијата, немаше да ја заробат државата и да ја укинат парламентарната демократија. Власта не може да сокрие својата неспособност со потпишување на капитулантски договори и затоа мора час поскоро да си замине. Само така Македонија ќе победи.