ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ уште еднаш ја погази демократијата во Македонија

СДСМ уште еднаш ја погази демократијата во Македонија, а Заев уште еднаш ги излажа македонските граѓани и го погази ветувањето за задолжителен референдум. СДСМ повторно покажа самоволие и непочитување на парламентарната демократија.

Свесни за штетноста на капитулантскиот договор и свесни дека договор за промена на уставното не е прифатлив за граѓаните, насила, и со тешка манипулација преку двосмислено референдумско прашање се обидуваат да го протуркаат. СДСМ брутално ја гази демократски воспоставената практика, формулацијата на референдумското прашање да биде резултат на консензус помеѓу сите релевантни политички партии. СДСМ со вака формулираното референдумско прашање го прекрши Законот за референдум, односно членот 15 каде се вели дека „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Додека се обидуваат насила да протуркаат еден катастрофален капитулантски чин, СДСМ и Зоран Заев спроведуваат невиден грабеж во државата. За само една недела тие се обидоа да украдат 45 милиони евра пари на граѓаните, а за оваа цел ги искористија Фондот за иновации и Министерството за здравство.

Тевдовски секојдневно ги задолжува граѓаните за милионски суми за кои досега не знаевме каде завршуваат. Постојано ја задолжуваат Македонија само со една цел, исплата на долговите кон медиуми, партиски и државни функционери кои изминативе години одработија за СДСМ и Заев.

Додека пријателите и роднините на владини и партиски функционери на СДСМ ги бројат милионите на своите сметки, граѓаните се борат за основна егзистенција, а македонската економија тоне и е пред целосен колапс.

На ова лудило ќе му дојде крај, а сите оние кои се огрешиле пред законот ќе одговараат за своите дела. Ќе одговараат и оние кои го амнестирале криминалот на СДСМ и Заев, и застанале во заштита на криминалот. Заев е исплашен бидејќи знае дека доаѓа крајот на неговото коруптивно владеење. Граѓаните ќе го имаат последниот збор и ќе му кажат на Заев дека Македонија ќе победи!