Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски денес во Вашингтон учествуваше на Министерската конференција за унапредување на верските слободи, чиј домаќин беше државниот секретар Мајкл Помпео.
Конференцијата ја отвори потпрестедателот на САД, Мајк Пенс, кој истакна дека религиозните слободи се клучен приоритет во надворешната политика на САД и се во интерес на мирот и безбедноста во светот.
Жерновски за МИА изјави дека имал обраќање на панелот „Посветени на акција”, каде, меѓудругото, истакнал дека Република Македонија ја негува културната и верската разновидност како наследство и како предност.
Тој ги информирал присутните дека Владата на РМ е целосно посветена на промовирање на еднакви можности за сите, без оглед на нивната религија, етничко потекло, раса или пол, како и на подобрување на дијалогот, толеранцијата и почитувањето, зачувувајќи ги слободата и достоинството на сите луѓе, без исклучок. Се осврнал и на напорите што Владата ги прави во борбата против дискриминацијата со донесување на нов закон за спречување и заштита од дискриминација.
На конфернцијата Жерновски се сретнал со претставници на американската адиминстрација.
– Беше реафирмиран континуираниот и конструктивен билатерален политички дијалог помеѓу Република Македонија и САД што е базиран на традиционално пријателство и стратегиско партнерство меѓу двете земји,истакна тој.
Додаде дека во текот на разговорите добил признание за тоа како се води надворешната политика на Република Македонија.
-За ова говорат постигнатите резултати, патоказот за ЕУ, поканата за членство во НАТО, постигнатите договори со Бугарија и Грција, како и посочувањето на Македонија од страна на меѓународната заедница како светол пример во регионот, кажа Жерновски.
Тој денес во Стејт департментот остварил средба и со Мајкл Марфи, заменик-помошник државен секретар на САД за безбедносни и политичко-воени работи. Тема на разговор биле претстојните активности и предвидената динамика во процесот на пристапување на Република Македонија во НАТО.
-Изразувајќи задоволство заради брзото започнување на преговори, Марфи подвлече дека Република Македонија може да смета на активната поддршка на САД во текот на овој процес, изјави Жерновски за МИА.