Состојбата со заштитата на човековите права во Македонија е загрижувачка и постои дискриминација по повеќе различни основи како што е политичка и партиска припадност, етничка припадност и исполнување на социјалните права, покажува Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права, спроведен од Македонското здружение на млади правници.
Проектот е финансиран од УСАИД и според нивниот претставник во Македонија Дејвид Адбери, човековите права се стандарди што обезбедуваат сите луѓе да живеат достоинствено, слободно и еднакво.
– Гарантирајќи ги правата на живот, слобода, еднаквост и безбедност човековите права ги заштитуваат луѓето од можни злоупотреби од страна на помоќните меѓу нас, изјави Адбери.
Проектот на УСАИД за заштита на човековите права формираше тим од 42 адвокати, оспособи 392 млади правници, оспособи 15 граѓански организации за заштита на човекови права и обезбеди 355 бесплатни правни совети за граѓани.
Според Гоце Коцевски, проектен менаџер, најчесто граѓаните се обраќаат за проблеми од социјална природа и должничко доверителни односи, тешко остварување на права на социјална заштита, права на детски додадок, право на посебен детски додаток, како и многу чести случаи на извршување поради долг.
Посочи дека во суштина доминира отсуството на слух кај институциите за заштита на човековите права.
– Институциите прибегнуваат кон правен формализам, со штур говор без воопшто да се гледа личната ситуација, истакна Коцевски.
Особено загрижува, продолжи тој, дискриминацијата по однос на политичка припадност која се јавува пред се при вработување и наградување, како и дека во услови на политичка криза како нашата во изминатите три години не може да зборуваме за заштита на човековите права од причина што институциите кои треба да ги штитат не функционираат.