Фајнанс Тинк: Капиталните инвестиции со значителна подреализација

Во првата половина од 2018 година, реализацијата на капиталните инвестиции на државата изнесува 16.6% од буџетираните капитални инвестиции, со што капиталните инвестиции и понатаму бележат значајна подреализација, оценуваат од Институтот за економонски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Според овој институт, забавувањето на реализацијата на клучни капитални инвестиции на државата (првенствено автопатиштата) е главната причина за големата подреализација во првата половина од 2018 година, што, наведуваат, ќе има клучна рефлексија врз вкупниот економски раст во Македонија.

Иако, тенденцијата на подреализација на капиталните инвестиции е присутна во последната деценија, сепак, посочуваат, подреализацијата на износот во првата половина од 2018 година е под износот на подреализациите од претходните години.

– Со предвидената динамика на реализација и имајќи ги предвид претходните искуства за благо забрзување на реализацијата на капиталните инвестиции кон крајот на годината, износот на искористување на капиталните инвестиции ќе достигне до 40% од првичниот буџет. Оттука, неминовно е дека ќе дојде до потребата да се реализира претходната практика на ребаланс на буџетот со цел пренамена на средствата кои е очигледно дека ќе останат неискористени до крајот на годината, наведуваат од Фајнанс Тинк.

Институтот го повикува Министерството за финансии да ја информира јавноста што е клучната слабост во реализацијата на капиталните инвестиции и да се заложи за нивна што поголема реализација до крајот на годината, како и за што ќе бидат реалоцирани вишокот средства со извесниот ребаланс на буџетот и како тие ќе придонесат за динамизирање на економскиот раст.

Во однос на општата кондиција на буџетот, реализацијата на останатите приходи и расходи е коректна, оценуваат од Фајнанс Тинк и го поздравуваат опстојувањето на патеката на фискалната консолидација во делот на тековните трошоци.