НАЈАВА „Од Братство и единство ’63 до Скопје ’63“ – изложба за младинските бригади

„Од Братство и единство ’63 до Скопје ’63“ е насловена тематската изложба што по повод 55 години од скопскиот земјотрес ја организира Музејот на Град Скопје.

Изложбата, која ќе биде отворена вечер во 20 часот, се фокусира на настаните во Скопје во првите денови по земјотресот кога во градот први напомош пристигнале младинците од скопските студентски м работни бригади „Мирче Ацев“ и „Мите Богоевски“.

Во летото 1963 година тие биле на градилиштата ширум Југославија и учествувале во изградбата на автопатот „Братство-единство“. Младинците веднаш биле вклучени во спасувањето на граѓаните заробени под урнатините, местеле шатори за скопјаните кои останале без своите домови, учествувале во погребувањето на загинатите, а подоцна учествувале и во изградбата на населбите.

Во орагнизација на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на младината на Југославија, на 5 август во Скопје почнала сојузната младинска акција во настраданото Скопје. Акцијата продолжила до крајот на 1963 година.

Авторката на изложбата, кустос советник-историчар во Музеј на Град Скопје Зоја Богдановска, за МИА изјави дека досега немало ваква изложба и многу малку се пишувало за улогата на младинските бригади. Тоа и ја поттикнало во идејата.

На 15 паноа ќе бидат прикажани повеќе од сто автентични фотографии, факсимили, документи и предмети од времето на земјотресно и поземјотресно Скопје, кои ги документираат настаните почнувајќи од 27 јули 1963.

Изложбата ќе биде поставена во Музејот и надвор од зградата, на отворениот простор под источната фасада, во автентичен амбиент во урнатини на старата железничка станица. На отворениот простор ќе биде поставена импровизирана бригадирска населба со шатори, клупи, огниште, знамиња, алат…

Целта на изложбата е да се истакне значајниот миг кога скопските младинци и студентите од цела Македонија и младината од цела социјалистичка Југославија, водени од чувството на заедништво, човечност и сочувство несебично помагале во првите денови по катастрофата.