Македонија ги почна претпристапните преговори за членство во НАТО

Македонија денеска ги почнува претпристапните преговори за членство во НАТО, откако на Самитот во Брисел на 12 јули земјата и официјално доби покана за членство. Во посета на Македонија е Делегација на НАТО предводена од директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, која со претставници на сите релевантни институции вклучени во овој процес ќе разговара за политички, безбедносни, одбранбени, финансиски и правни прашања во рамки на преговорите за членство.

МекКи на денешната прес-конференција со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски изрази исчекување дека Македонија ќе стане 30 членка на НАТО за приближно 18 месеци. Тој посочи дека откако ќе завршат внатрешните процедури во земјата и  откако парламентите на сите земји членки на НАТО ќе ја ратификуваат одлуката за влез, Македонија ќе стане 30 членка на Алијансата.

Земајќи ги предвид минатите искуства целиот овој процес би требало да трае околу 18 месеци, посочи МекКи,  кој додаде дека во разговорите со претставниците на македонските институции ќе се разговара и за низата реформи што се спроведуваат во државата, како и на оние кои допрва треба да работат во процесот на пристапување кон Алијансата.

– Вашата земја повеќе години беше вклучена во процесот Партнерство за мир и во изработката на акциските планови за членство, што значи дека вашата држава е навистина подготвена, рече МекКи.

Со посетата на оваа висока делегација на НАТО, де факто, почнуваат претпристапните преговори, а тоа што имаме Делегација на НАТО која што е составена веднаш по донесување на одлуката на Самитот во Брисел значи дека Алијансата е подготвена промптно да одговори на заложбите кои со години ги повторува, тоа е „политиката на отворени врати“. Тие имаат намера да ги исполнат своите обврски, ние треба да ги исполниме нашите обврски, рече Пендаровски.

НАТО Делегацијата, како што посочи Пендаровски со претставниците на релевантните институции нема да разговара за политичките прашања, што се домашна задача, пред се, тука се мисли на Договорот од Преспа, туку ќе се разговара за се она што е типично во текот на претпристапните преговоори со секоја земја досега, од воено-технички прашања, па се до правните и финансиските импликации од идното членство на земјата во Алијансата.

МекКи денеска по прес-конференцијата се упати  во Министерството за надворешни работи, каде што ќе бидат присутни претставници од институциите вклучени во овој процес, а  потоа повторно ќе се врати во Владата каде што ќе има втор состанок со владини претставници.

Пендаровски посочи дека во текот на разговорите со Делегацијата на НАТО, македонската страна ќе покаже дека е посветена на заложбите во врска со процесот на пристапување и дека земјата е подготвена да го испорача она што цело време го тврди дека е подготвена да го исполни сето тоа во рамките на оваа фаза во претпристапните преговори и сето тоа да се заврши во најбрз можен рок.

Тој прогнозира дека овој процес би завршил во наредните неколку месеци.

– Главната политичка задача на Владата, Договорот со Грција останува да биде нашиот предуслов за полноправно членство, рече Пендаровски, додавајќи дека се очекува некаде до нова година да завршат претпристапните преговори.